Гледајќи ги овогодинешните вести од македонската спортска инфраструктура, почнувајќи од скандалот со нехуманите услови во Радовиш за натпреварот УГД – Милано, продолжувајќи со откажувањата на натпреварите во кошаркарското првенство, и последно со видеата и сликите од спортската сала Парк во Струмица, не можев, а да не се јавам за збор.
Приказната веќе ја знаат моите најблиски пријатели, роднини и колеги, но сакам да ја слушнат сите, посебно спортските работници раководители.
Моето прво пристигнување во Швајцарија беше непосредно после ковид кризата, септември 2021 година. Ми најавија дека оваа година греењето ќе биде значително намалено поради економската и енергетската криза која некако ја предизвика ковид вирусот. Помина септември, октомври, ноември, јас никако да почуствувам промена на температурата во салата. Си трениравме сите нормално по кратки ракави, нешто незамисливо во нашите сали во кои пораснавме. Средината на декември се случи интересна анегдота, пред почеток на тренингот, еден од играчите рече дека денес е посебно ладна салата , и се пожали на одговорните дека ако не се засили греењето тренингот нема да се одржи. Стоев настрана и молчев, затоа што мене сеуште ми беше пријатно, навикнат на ниски температури од периодот кога тренирав во Македонија. Вработените дојдоа, измерени беа 17 степени температура. Го засилија затоплувањето, температурата достигна 19 степени, тренингот започна. До крајот на сезоната, температурата се одржуваше околу 20 степени, кризна состојба.
Не паметам во моето 20 годишно искуство во зима во Македонија да тренираме и играме во сала потопла од 10 степени, ако е сончево.
И сите ќе речат сега, лесно е во Швајцарија да има греење, богата земја.
Но, не е така, сега ќе објаснам и зошто.
Спортскиот центар каде што ги одржуваме активностите е голем комплекс со повеќе базени, спа центри, фитнес сали, хотел, терени, повеќенаменски сали и тн. На крајот од година во локалниот весник јавно беше објавен финанскискиот биланс на салата, со загуба од околу 700 000 франци. За мене тоа беше поразителна вест, но не и за одговорните луѓе кои ги прашав зошто е тоа така. Тоа е планирано, велат. Ниеден јавен спортски објект не е финансиски рентабилен, и не може да биде. Бидејќи трошоците се огромни дури и на енергетско ефикасно изградени објекти, а приносите многу мали. Приносите велат, се мали, затоа што цените за користење на спортски активности се минимални, за да може секој човек да ги користи, вклучувајќи го семејството. Покрај тие минимални наплати, постои големо користење на спортските објекти, посебно на салите и базените, кое е бесплатно. Тоа го користат најчесто клубовите а и училиштата, чии деца бесплатно ги користат услугите на базенот и салата во соодветни термини кое е дел од училишната програма. Базените топли, гардеробите , салите, фитнес просториите и тн. Велат, тоа е дел од социјалниот живот. Мора секоја заедница да има таков објект за да можат сите луѓе да спортуваат, рекреираат, одржуваат здрави навики на живот. И во условите нема компромис. Се крева нивото високо, а тоа чини. Дефицитот се покрива со наменски средства од буџетот и тука нема расправа. Така треба да биде за цело општество да ужива во јавните добра по достапни цени.
Сума од 700 000 франци, навидум голема , но за швајцарски услови секако не. Посебно за ваков голем спорстски комплекс. Дали и за македонски услови тоа е голема сума? Би рекол не, споредувајќи ја со патни трошоци на неколку пратеници годишно. И секако, по македонски стандарди, нашите “планирани” минуси би биле многу помали.
Кога нашите функционери ќе разберат дека јавните спортски објекти не се бизнис идеи кои треба да донесат финансиски бенефит, туку инвестиција во социјално-здравствен развој на едно општество, многу полесно ќе ги развиваат како такви и сите ќе уживаат во јавните добра.
Потребна е само чиста волја, вистински луѓе на вистински места кои донесуваат правилни одлуки.
Да живее Македонија.