Ставро Ангелаков, музичар – гитарист и основач на рок бендот ДАКТИЛИ

(разговорот го водеше Никола Пијанманов)

11 мин. читање
Фото Иван Каратанов

Дактили е култен струмички бенд кој опстојува на сцената веќе скоро десет години. Разговараме со Ставро Ангелаков – основачот и гитаристот на бендот. Ретки се веќе рок бендовите со авторска музика кај нас, вие и покрај сите искушенија и тешкотии со опстојување на алтернативната сцена, пркосите на времето и творите своја музика со автентичен, уметнички звук. Колку е тешко тоа? Како опстојуваат Дактили?

  • Во Дактили, сме собрани четворица музичари за кои музиката е неопходна за дишење – сигурен сум дека секој од нас ќе се бави со музика на овој или на оној начин додека сме живи. Воедно и цврсто веруваме во музиката што излегува од нас и опстојувањето на Дактили не е во прашање. Се менуваат можеби само начините како.

Тешко е, но имаме железна волја и не се откажуваме!

Фото: Никола Јовановиќ


Ставро, ти си музичар кој создаде и специфична авторска музика за театар. Кротка, Каин, Вујко Вања, Антигона, Забрането смеење… Какви се твоите искуства со театарот и зошто таков креативен дух како тебе останува на маргините, со некои инцидентни проекти. Јас си го поставувам повеќе и реторички прашањето: Што треба да се случи за во нашите институции за култура, вистинските креативци да ги заземат вистинските места?! До кога уметниците ќе бидат надвор од ресурсите на културата? Знам дека се соочувате и со проблемите – простор, техника, мултимедијална соработка. Како стоите во моментот на тој план?

  • Од театарот, кога станува муабет за соработките со режисерот Дејан Ангелов, можам да кажам дека имам само позитивни искуства.

Театарот знае да биде волшебен, особено кога ќе се соберат вистинските луѓе на правото место, во точно време.

За тоа, зошто луѓето како нас пробуваат да ги оттурнат на маргините, ќе го кажам следново:
медиокритетот го привлекува медиокритетот, тој ужива во тоа и се величи – сам себе.

За да се случат некакви позитивни промени во нашите институции, сигурно се потребни драстични мерки, и на локално и на централно ниво.

Најверојатно, за некои работи треба да се освестат тие луѓе кои се надлежни, односно вработени во тие институции, да ги засукаат ракавите и да почнат да работат.

Па ние немаме никаква стратегија за култура во однос на, да речеме, авторската музика. Секогаш кога сум аплицирал за проект преку Министерство за култура, сум го добивал истиот одговор „Проектот не е од национален интерес”… Епа кој ни е на нас националниот интерес? Како ќе се развива нашата музичка уметност, кога не давате никаква шанса на млади автори? Се надевам дека годинава нема да го добијам истиот одговор.

Еве, јас најдобронамерно би им посочил да ги разгледаат залагањата, системите и конкурсите на Француската Држава во однос на културните политики и културната дипломатија… Во една прилика свиревме на еден настан во Куманово заедно со еден француски бенд со кој после концертот се дружевме – тие беа вчудоневидени од фактот дека кај нас скоро сите музичари имаат уште по една професија… За разлика од нас, тие имале некаков конкурс на кој се пријавуваат како состав, државата им поставува услов да имаат најмалку сто настапи во текот на една година, без разлика дали во Франција или во странство, а за возврат на тоа секој од нив си добива една солидна француска плата секој месец од годината. Е тоа е културна дипломатија! Па зарем се луди Французите?

Во однос на тоа како се снаоѓаме со простор за проби, опрема и техника, не би коментирал премногу – човек кој има повик да твори, ќе најде начин.

Би рекол дека сме доста снаодливи – дека некогаш со стара и полу-исправна опрема се случувале бесценети моменти. Дали свириш на гитара од 100 евра или од 10.000 евра е небитно во споредба со тоа што и како свириш на таа гитара. На крајот на краевите, ми се чини дека е најбитно што значи за тебе она што го правиш? И од какви причини и побуди…

Ви претстои турнеја, имате закажани концерти во Србија, а настапивте и во повеќе градови низ Македонија. Има ли уште сенс и желба кај младите за квалитетна рок музика?

  • Ете, за првпат излегуваме од државата како бенд и морам да признаам дека сум многу возбуден за тоа. Токму живите настапи се она што го туркаат бендот да оди напред. Патем, тоа е и наша насушна потреба – да свириме. Инаку, уметност без публика и не постои, а можам да кажам дека ние нашата ја градиме полека, но сигурно.

Планираме доста настапи годинава, и се радуваме на секој еден.
Се разбира, има сѐ помалку слушатели на музика, а тоа е најмногу благодарение на времето кое го живееме и работите кое тоа си ги носи со него. Баш поради тие околности, рок музиката на еден начин се претвора во елитистички жанр, во смисол за познавачи и сладокусци. Најверојатно, оваа музика е за луѓе кои не се расипале од кратките, брзи, и секогаш достапни непотребни информации, кои буквално напаѓаат, и создаваат едни нови генерации – генерации кои уште во тинејџерските години ќе имаат проблем со дискус хернии, а ќе пијат и апчиња за притисок.

Сепак,постојат млади луѓе кои имаат уво за музиката која ја свириме!
Се разбира, ги среќаваме најчесто после настап, а често се случува самите да сакаат да поразговараат со нас. Тоа ни е секогаш драго, особено кога се работи за луѓе кои се помлади од нас.

Фото: Иван Каратанов

Кој е авторот на најновите песни на Дактили и кој ги пишува убавите текстови на песните?

  • Бидејќи грубите костури на песните во смисла на музика и текст ги носам јас во бендот, нормално дека ќе кажам дека сум јас авторот. Меѓутоа, ние функционираме како бенд и заедно ги наоѓаме големиот дел од креативните музички решенија. Секој има свој удел во музиката, а морам да кажам дека најчесто и се согласуваме во меѓусебните идеи и предлози, иако сите четворица имаме прилично различен музички “background”.

Дактили, уште од самиот свој почеток е заснован на моите идеи, и токму тоа некако го одреди музичкиот жанр и сензибилитет кој го тераме, и тоа е така.
Меѓутоа, морам да спомнам дека во поглед на авторство, и Љубен Маџиров и Емил Ејупи имаат свои остварувања, и сметам дека и двајцата имаат фантастичен капацитет како автори, особено во инструменталната музика.
Џејд Бинева пак, ја сметам за една од најталентираните кант-авторки кои сум ги слушнал.
За сега, јас сум единствената нејзина публика во тој дел, и се разбира нејзиниот најголем обожавател за навек.

Фото: Никола Јовановиќ

Режисерот Ице Виранов го сними филмот „Лука“ за вашата музика, бендот, соочувањата со реалноста и животот, колку работите се сменија после четири години? Освен што Лука е веќе големо момче…

  • Се разбира дека многу работи се сменија. Да се биде родител не е мала работа, и таа несомнено го менува човекот на подобро, во секој смисол.Во поглед на професионален план, нашиот порив да се бавиме со музика порасна уште повеќе, а некако јас лично можам да кажам дека чувствувам и една поголема одговорност кон работата.
    Да се живи и здрави децата!
Кадри од филмот Лука

Што би предложиле за Струмица повторно да стане култен град во кој свират рок бендови и има свежа алтернативна сцена? Како се снаоѓате со фестивалот Ексцес? Општината одделува илјадници евра за диџеи од странство и за едновечерна „Егзит“ журка, како е возможно да се нема осет за домашната сцена и поддршката на талентираните уметници кои егзистираат во градот?

  • За Струмица да добие такви одлики, има само еден и единствен начин.
    А тоа е следново: Зградата која „по старо” ја викаме „Дом на Арм” (која има сала со одличен капацитет за ваква работа) да се претвори т.е. пренамени во Дом на Млади – Струмица (или МКЦ – Струмица), и мене да ме постават за директор на таа институција. Хахахаха!

Се разбира дека тоа нема никогаш да се случи, и иако во суштина сум оптимист, вакви одлуки мислам дека нашиот град нема апсолутно никогаш да доживее.
Едноставно, немаме зрелост за таква работа. Публика и ќе се собере некако чинам, но до каде се со оваа материја луѓето кои имаат моќ да одлучуваат за вакви работи не ми е познато. Искрено, се надевам дека грешам, и дека полека Струмица ќе почне да наликува на „Европска”.

Кадри од филмот Лука

Ви посакувам успешни концерти и издавање на албум во форма на винил или CD формат. А ќе направиме сѐ што е во наша можност да се реализира тоа. Кои се вашите студиски планови и дали новиот материјал успеавте веќе да го снимите?

  • Благодарам! Би биле пресреќни да можеме еден да ја чуеме нашата музика на винил. 😊Точно е дека предолго време работиме на студискиот материјал (со паузи), но ете, во наша одбрана, изминатиов период добивме една нова, свежа енергија, и со вакви нови сили се пуштивме во доработка на материјалите. Во најскоро време треба нешто интересно да се случи на тој план. И не кажувам повеќе!

Ви благодарам на вниманието, ми беше задоволство да одговорам на прашањата.
Ми се чини дека Струмица конечно доби портал за интелигентната публика…
Секое добро и до следен пат!

Фото: Никола Јовановиќ