Во рамките на континуираните активности за одржување на јавната хигиена, екипите на ЈПКД „Комуналец“ изминатиов викенд спроведоа акција за чистење на една од најфреквентните локации во центарот на градот. Целосно е уреден и исчистен јавниот простор кој ги поврзува Стоковната куќа и Стопанска банка.
Од претпријатието истакнуваат дека грижата за чистотата на јавните површини низ Општина Струмица се одвива секојдневно според однапред утврден план. Иако ресурсите се максимално ангажирани за ефикасно завршување на обврските, од „Комуналец“ потенцираат дека одржливоста на чистата средина зависи од сите чинители во општеството.
„Со наше секојдневно апелирање за одговорно однесување, со подигање на еколошката свест и со поефикасно екипирање на нашите ресурси, се надеваме дека јавните површини ќе стануваат се поурбани. Целта е нашиот град да биде место со кое сите ќе се гордееме“ велат од јавното претпријатие.
Апел до граѓаните и бизнис секторот
Се апелира до граѓаните и до правните лица за поодговорно однесување кон заедничкиот простор. Само со заеднички сили и совесно фрлање на отпадот може да се постигне целта за трајно чисти и уредени површини во Струмица. Екипата на „Моја Струмица“ ќе продолжи да алармира за несовесното справување со отпадот, создавањето на дивите депонии и подобрување на системот за справување со отпад со што ќе го дадеме својот допринос кон поубав град. Нека започнеме од себе.