Како вовед еден краток виц: Отишол политичар во некое село на митинг и започнал.
Политичар: Ќе направиме и мост.
Народот: Ама ние немаме река.
Политичарот: И река ќе направиме. И школо ќе направиме.
Народот: Ама децата сите отидоа во странство. Нема повеќе деца.
Политичарот: И деца ќе направиме.
Кога вицовите ни стануваат реалност се уште посмешни. Не знаеме дали е некоја чудна коинциденција со овој виц, но денес премиерот Христијан Мицковски беше на отпочнување на нова училишна спортска сала во село Колешино, општина Ново Село. Инаку според пописот од 2021 година општина Ново Село е општината која изгубила најмногу население во последните 20 години. Од 11.567 во 2002 на 6.972 во 2021 или помалку 4.595 или во проценти 39,7 % од населението емигрирало. Колешино е едно од најпогодените села од емиграцијата. Според неофицијални извори во тековната година има запишано само едно прваче во училиштето па се наметнува прашањето за кого оваа спортска сала? Да не испадне вистина вицот?