Владата работи на изнаоѓање на финансии за експресниот пат кон Бугарија

1 мин. читање

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска престојуваше во работна посета на општина Струмица, каде присуствуваше на Свечената седница на Општината по повод „Денот на Заштитниците на Струмица“. За време на средбата со градоначалникот, министерот истакна дека Владата започнува интензивна поддршка за локалната самоуправа со најава за голем број капитални инвестиции.

Министерот Николоски ја потенцираше реализацијата на најголемото ветување – изградбата на експресниот пат што ќе ги поврзе Коридор 10 со Коридор Струма во соседна Бугарија.

„Најголемата и она што го ветивме е поврзување на Коридор 10 со Коридор Струма во соседна Бугарија, односно изградбата на експресниот пат кој што оди од Смоквица преку Валандово, Струмица, Ново Село и граница со Бугарија,“ изјави Николоски.

Тој додаде дека Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) веќе го завршило проектот за едната траса од овој експресен пат, додека проектот за втората траса е во напредна фаза. Владата сериозно работи на изнаоѓање на финансирање за реализација на целиот проект.

Извори:
Влада на Република Северна Македонија