За оние што веќе ја добија својата награда, земната слава.

5 мин. читање

„Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку нема да имате награда од вашиот Отец небесен. И така, кога даваш милостина, не разгласувај, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда. А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.“ Матеј 6:1-4

Разгледувајќи ги социјалните закони во европски држави каде што социјалните права се на највисоко ниво, се добива заклучок дека државата прави сѐ за да обезбеди сигурност за своите граѓани. Таму човек тешко дека може да остане гладен, да нема кров над главата или да не е згрижен на било каков начин. Копнежот и нашата држава да дојде на тоа ниво, нѐ наведе да размислуваме и да анализираме каде грешиме, што е проблемот. И пак корупцијата.

Јавна тајна е дека преку коруптивни тендери, континуирано се испумпуваат пари на граѓаните во приватни џебови. Народот меѓу себе веќе шпекулира за 20% – 30% проценти јавни средства кои од секој тендер се одливаат за провизии, а некои се на став дека процентот е и многу поголем. И навистина ако се погледнат внимателно тендерите и тендерските постапки, сѐ станува крајно симптоматично. И нормално, не може да се занемари дека луѓе кои постојано работат на тендери прераснаа во нова бизнис елита или поточно во олигархија (неправилен облик на држава, односно власт на малцинството најбогати).

Иако кај малку од овие луѓе совеста проработува, сепак има и такви кај кои проработува. Начинот на кој тие луѓе може да се искупат за сѐ што направиле, за сите гладни усти што ги оставиле, за секоја неможност некое дете да се излекува, за функционално јавно здравство и образование, за пустошот оставен позади нив, е преку властољубиво и среброљубиво свештенство. Олигархот добива духовна утеха пресметано во цена да нахрани гладни и да помага на бездомни, ама ликот на сета таа филантропија нема да е самиот олигарх, оти побогу, зошто им го зел лебот од устата на оние на кои треба да им го врати, туку тоа ќе биде прикриено позади некоја хуманитарна организација. Лицемерие парексаланс! Лажна филантропија, уште полажна милостина.

Нормално сето тоа мора да се презентира пред јавноста за да знае секој кој е тој што помогнал, дури и да се дадат бројки колку усти се нахранети, а зошто да не се спомнат имињата и на оние на кои им е дадена помошта. И нормално, во сета таа хипокризија, гости мора да се и корумпираните политички елити кои всушност се и причината за создавањето на овој трагичен триаголник на неморал и сиромаштија.

Се формира и една група на луѓе кои се на битни функции и дејности, секој во својата фела и општествена активност, кои пак преку организирано дејствување во спрега со свештенството, бизнисот и политиката, се лансираат како одлучувачки фактор во општеството. Црпејќи од моќта на здружувањето тие се трансформираат во влијателна натпартиска организација која има моќ да влијае врз сите процеси на секуларното општество.

И наспроти сето ова има луѓе кои молчеливо секој месец од тешко заработените пари одделуваат за да помогнат на некој што го знаат, некој во нивната близина, некој за кој знаат дека му е потребна помош, молчеливо и никој да не ги разбере, како што ни заповедал и нашиот Татко небесен.

Простете за сличностите, се надевам дека никој нема да се пронајде во овој текст, освен оние од последниот пасус на кои сме им крајно благодарни. Тие ја имаат нашата почит и им благодариме за сѐ.

„Така вели Господ: мудриот да не се фали со мудроста своја, силниот да не се фали со силата своја, богатиот да не се фали со богатството свое. А кој се фали, нека се фали со тоа, дека Ме разбира Мене и дека знае оти Јас сум Господ, Кој покажува милост, суд и правда на земјата; оти само тоа е благоугодно пред Мене, вели Господ.“ Еремија 9:23-24