Јасмина Пијанманова – носителот на советничката листа на Левица

Политиката да ги тргне рацете од креирањето на културните политики. 

8 мин. читање

Зошто се кандидатирате за општински советник?

  • Не станува збор за независна кандидатура, туку сум носител на советничка листа на партијата Левица, чија идеологија длабоко ја разбирам затоа што сум левичар по убедување. Ја прифатив кандидатурата затоа што предолго им даваме шанса на истите политички чинители да направат промени на подобро и да застанат во одбрана на јавниот интерес – но времето минува, а вистински промени нема, туку напротив. Затоа решив да се вклучам во активното политичко делување, бидејќи како граѓански активист често си надвор од процесот на одлучување. Решив да се борам против штетните политики се разбира колку можам, да укажам на неправдата затоа што многупати сум ја осетила на своја кожа и имам емпатија кон сопствениот народ.

Сметам дека политиката треба да биде простор каде што луѓето навистина работат за општото добро, а не за лични интереси и привилегии. Затоа и мојата одлука да се приклучам кон Левица не е резултат на амбиција, туку на убедување – дека само преку вистинска борба, чесен пристап и јасни ставови можеме да донесеме промени. 

Оваа борба не е моја, не е партиска. Оваа борба е народна – за правда, еднаквост и достаинство на секој човек.

Што сте по професија?

  • Немам една професија, тие се неколку професии со кои активно се занимавам. Инаку по занимање сум етнолог и „моментално“ работам во музејот во Струмица. 

Не чекав пасивно за да дојдам до работно место. Дипломирав 2005 година, се вработив во музејот 2019 година. Во меѓувреме ги завршив моите магистерски студии на УНЕСКО катедрата за културен менаџмент и културни политики во Белград. Во 2014 година заедно со неколку ентузијасти го формиравме здружението за култура Култ-Транзен и реализиравме голем број на проекти и настани од областа на културата, ја раздвижив независната културна сцена во градот. Јас сум динамичен човек и сум голем љубител на културата и уметноста. Иновативна сум по природа и сакам се што имам научено и видено низ светот тоа да го донесам и овде. Менаџментот во културата ми оди, имам напишано и реализирано многу проекти. Затоа реков дека немам само една професија… 🙂

Преку здружението можам подобро да го изразам тоа што го знам и умеам, затоа и во иднина активно ќе си продолжам со неговата работа, иако еден период сум пасивна во овој дел поради низа на околности. 

Кое е вашето најголемо професионално достигнување?

  • Тешко е да се зборува за професионални достигнувања во нашата држава бидејќи сите ние се трудиме од невозможното да направиме нешто колку толку да изгледа професионално. Не сакам нескромно да звучам мислам дека имам оставено траг во културниот живот во Струмица и во државата, но сепак да оставиме другите да зборуваат за моите професионални достигнувања, не сум човек што самата зборува за себе. 

Иако можам да кажам нема поголемо професионално достигнување во нашата држава да егзистираш од образованието што го имаш завршено. 

Зошто сметате дека со оваа позиција ќе можете да променете нешто?

  • Сметам дека како прво ќе ја променам перцепцијата кај народот што значи тоа да се биде советник во една општина. И тоа е една голема промена. Однапред не можам да кажам што можам да променам, само ветувам една голема борба. Борбата се разбира дека ќе биде донкихотска, но вреди да се биде Санчо Панса.  

Што најмногу ве провоцира и сакате да се обидете да го промените?

  • Многу тешко е прашањето. Ме провоцираат многу работи, не можам да издвојам само една.

Но еве можам да кажам дека ме провоцира ѓубрето што го има насекаде и затоа најмногу ќе се залагам. Струмица да стане кристално чист град. Не знам колку ќе успеам во тоа, но вреди да се обидеме. 

За што конкретно ќе се борите?

  • Се разбира за културата и уметноста во градот да ги издигнам на едно повисоко ниво.

Културата да ја направиме одржлива и да ја смениме перцепцијата на граѓаните дека културата не е забава и масовност. Секој урбан град има своја субкултура, свој идентитет и препознатливост. Да дадеме предност на уметниците да ни ги креираат културните политики. И политиката да ги тргне рацете од креирањето на културните политики. 

Како ќе се опишете, каков човек сте?

  • Најтешко е човек да се опише себеси. Но, можам да кажам дека секогаш си ги остварувам зацртаните планови и сум човек кој е трудоубив, инвентивен, љубопитен и сака да учи. Толератна сум. Не сум комплициран човек и сум правдољубива по природа. 

Што читате?

  • Моментално читам се што е поврзано со комунизмот, марксизмот и ленинизмот но тоа е од аспект на политичката литература. Инаку омилен писател ми е Иво Андриќ и Толстој. Иво Андриќ затоа што неговите дела се размисла за човековата природа и смислата на страдањето. Неговото творештво е длабоко вплетано во историјата, културата и духот на Балканот. Толстој затоа што е моралист и ги кажува духовнити вистини за животот во филозофска смисла. И двајцата веруваат дека човекот не може да избега од судбината, но може да ја разбере. Тие се писатели на совеста, на тишината и на вечните прашања: Кој сум јас? Што е добрина? Зошто страдаме? 

Колку книги имате дома?

  • Па имам доста наслови. Имам библиотека. Заедно со книгите на мојот сопруг можам да кажам дека имаме книги за да отвориме една мала приватна библиотека 🙂

Какви филмови гледате?

  • Најмногу ги сакам драмите, трилерите и биографските филмови за некоја позната личност.

Кои ви се топ три омилени филмови и зошто?

  • „Боите на калинката“ од ерменскиот режисер Сергеј Параџанов. Тоа е поетска медитација на животот, уметноста и духовноста, а истовремено и обвинение против догмите и ограничувањата на креативноста. 
  • „Остров“ на рускиот режисер Павел Лунгин. Филмот е зборува за внатрешното прочистување, верата, смирението и покајанието. 
  • „Пролет, лето, есен и пак пролет“ од Ким ки Дук. Филмот го дава моралниот пад на човекот и неговото повторно издигнување преку духовна преопразба.

Имате ли омилени места за патување?

  • Си ја сакам државата и уживам кога патувам низ медитеранските места на југот на Македонија. Но, морам да кажам дека ја сакам Европа и најмногу патувам низ европските држави. Куба ми е сеуште неостварена желба, уште од студентските денови ми е во земјите за посета, но никако да стигнам до таму. Ги сакам сите култури поради мојата професија. Ги сакам азиските држави. 

Каква музика слушате?

  • Death can Dance, Zbignjev Praisner, Mizar, Anastasia и др. 

Сакам да слушам убава музика за уши. Како тинеџер слушев алтернативна музика и new age.

Што ви се допаѓа во градот? Со што се гордеете?

  • Паркот е најдобро место за релаксација. 

Се гордеам со струмичкиот дијалект. 

Каде може да ве сретне човек во градот?

  • Па многу ретко веќе излегувам. Се движам по културни настани.