Александар Илиев – носителот на советничката листа на ЗНАМ

Горд сум со луѓето од Струмица кои успеале во странство во спорт, наука и уметност.

4 мин. читање

Зошто се кандидатирате за општински советник?

  • Како член на советот сакам да бидам глас на граѓаните и на разумот. Дополнително, сметам дека не е добро за градот една партија да има мнозинство во советот и градоначалник. Целосната власт целосно корумпира.

Што сте по професија?

  • По професија сум аналитичар за политички и безбедносни прашања. Многу години работев и како офицер во МО и армијата.

Кое е вашето најголемо професионално достигнување?

  • Создавање на национална стратегија и акциски план за намалување на ранливостите и борба против хибридни закани 2021-2025.

Зошто сметате дека со оваа позиција ќе можете да промените нешто?

  • Следниот состав на советот на општината нема да биде доминиран од една партија, што остава можност нова политичка сила да има клучна улога врз креирање локални политики и донесување одлуки во советот. Јас сум човек кој не подлегнува на притисок и не се купува за пари. Затоа знам дека единствен пат за соработка ќе биде спроведување на нашата програма.

Што најмногу ве провоцира и сакате да се обидите да го промените?

  • Најмногу ме провоцира корупцијата и неправдите. Тоа е она што ги тера младите да ја напуштат Струмица. Поради корупција неспособни луѓе доаѓаат на позиции за кои не се способни да носат правилни одлуки. Затоа, сметам дека со борба против корупција ќе се решат многу проблеми.

За што конкретно ќе се борите?

  • Ние имаме повеќе наши цели како намалување на корупцијата и загадувањето, подобрување на условите за образование и спорт, поддршка на нашите уметници, заштита на работничките права и економски развој. Во основа се бориме за интересите на средната класа, работниците, малиот и среден бизнис.

Како ќе се опишете, каков човек сте?

  • За себе би кажал дека сум едноставен сопруг, строг татко, љубител на животни и голем љубител на науката.

Што читате?

  • Читам книги за историја, политика, психологија, тероризам и економија. Дома имам повеќе од сто книги од овие области, кои ги имам читано дури и по неколку пати. Всушност, читам книги кои ми се потребни за да ја сфатам политиката денес и да креирам нови политики, планови за политичко делување итн.

Колку книги имате дома?

  • Имам повеќе од сто книги поврзани со општествени науки од кои голем дел се на англиски јазик.

Какви филмови гледате?

  • Сакам комедија особено англиски црн хумор. Сакам и историски филмови, особено кога се поврзани со војна и разузнавање.

Кои ви се топ3 омилени филмови и зошто?

  • Омилени ми се филмовите Житието на Брајан според Монти Пајтон, Гладијатор и Спасувањето на војникот Рајан. Житието на Брајан е комбинација на интелигентен хумор со историја. Гладијатор е филм за човек кој се води од систем на вредности слични на моите. Спасувањето на војникот Рајан е филм кој прилично објективно ја покажува суровоста на војната.

Имате ли омилени места за патување?

  • Не сум опседнат со патување. Омилено место ми е местото каде што се мојата сопруга и син. Доколку би патувал со семејството, би патувал за Холандија и Англија.

Каква музика слушате?

  • Слушам најмногу британска поп музика од 80тите, а понекогаш и класична музика.

Што ви се допаѓа во градот? Со што се гордеете?

  • Во Струмица ми се допаѓаат плоштадот и паркот. Горд сум со луѓето од Струмица кои успеале во странство во спорт, наука и уметност.

Каде може да ве сретне човек во градот?

  • Луѓето може да ме најдат буквално насекаде, само не во кафана и не доцна навечер. Јас често се шетам низ градот со велосипед и мопед, заедно со мојата сопруга. Сакам да комуницирам со луѓе и ретко сум дома.