Јавен повик за тренерски лиценци или спортски работници

2 мин. читање

Општина Струмица објави јавен повик за доделување на финансиска поддршка за стекнување и унапредување на тренерски лиценци или спортски работници во Општина Струмица. Јавниот повик ќе трае 30 дена. Предмет на овој јавен повик, кој произлегува од Програмата Л0 од Буџетот на Општина Струмица за 2026 година, е доделување финансиска поддршка наменета исклучиво за физички лица кои се државјани на Република Северна Македонија со постојано живеалиште на територијата на општина Струмица. Право на аплицирање имаат млади лица до 30-годишна возраст кои се стремат кон стекнување почетна или унапредување на постоечка тренерска лиценца, како и активни или поранешни спортисти со најмалку петгодишно сениорско натпреварувачко искуство кои сакаат да се усовршат во спортот во кој ја оствариле својата кариера.

При одлучувањето за доделување на поддршката, посебен приоритет ќе имаат невработените лица, лицата кои првпат аплицираат за ваков вид помош, припадниците на помалку застапениот пол при еднакви услови, како и оние чие стручно усовршување е од суштинско значење за локалниот спортски развој. Финансиските средства се наменети за покривање на трошоци за лиценци, едукации, семинари и патничко сместување, при што максималниот износ по корисник изнесува 60.000 денари. Целата постапка ја спроведува стручна комисија, по чија одлука Градоначалникот пристапува кон склучување на поединечни договори со избраните апликанти.

Извор:
Веб страна на Општина Струмица