На 17 јуни 2018 година беше потпишан „Преспанскиот договор“ во селото Нивици на Преспанското Езеро. Со овој договор се раскина времената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година со која државата за меѓународна употреба ја користеше придавката Поранешна Југословенска Република Македонија или ПЈРМ (FYROM). Додека меѓународната заедница го поздравуваше Преспанскиот договор како редок пример на успешна дипломатија, дома тој остана симбол на болни отстапки. Договорот што вети „брза трака“ кон Европската Унија, денес е предмет на нови анализи на заглавените преговори и идентитетските прашања.
На 30 септември 2018 година беше одржан референдумот за со прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ и можни одговори „За“ или „Против“. Право на глас имале 1.806.336 гласачи. На референдумот гласале 36,91% од населението односно 666.743 граѓани. Од граѓаните кои излегле и гласале, „За“ заокружиле 609.813 граѓани, а „Против“ биле 37.700 граѓани. Имало 19.221 неважечкo ливчиња.
На 11 јануари 2019, со 81 глас „за“ Собранието ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот.
На 12 февруари 2019 уставните измени влегоа во сила со што „Република Македонија“ се замени со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се замени со зборовите „Северна Македонија“. Од тогаш се променија доста политички елити. Имаше и такви кои ги злоупотребуваа искрените патриотски чувства на граѓаните ветувајќи дека никогаш нема да ја прифатат таа „срамна“ придавка за подоцна кога дојдоа на позиција ни збор да не кажат по темата и да го прифатат тоа како нужно зло.