Ѓорги Танушев – носителот на советничката листа на група избирачи “Стига е”

Сакам Советот на Струмица да стане модел за транспарентно и професионално локално управување.

8 мин. читање

Зошто се кандидатирате за општински советник?

  • Сакам да ги променам работите во Струмица. Како независен советник во изминатите четири години, „одвнатре“ видов како се носат одлуките и колку често тие зависат од партиски директиви, а не од реалните потреби на граѓаните.

Направив целосно професионално скенирање на сите процеси, актери и ресурси во општината и јасно ги гледам точките каде може да се направи промена и оптимизација.

Знам и што ќе значи ако се не се кандидирам — повторно ќе одлучуваат партиски координатори, „телефонски повици од Скопје“ и симулирани дебати меѓу Курто и Мурто.

Време е да престанеме со тоа. Стига е!

Време е за вистинска политика, базирана на визија и реалност.

Што сте по професија?

  • Продуктен менаџер и консултант со над 20 години искуство во ИТ индустријата. Почнав како хардвер сервисер, а потоа преку улоги на бизнис аналитичар, проектен и продуктен менаџер, израснав до консултант со меѓународно искуство.
    Дипломирав Електронски бизнис на Економски факултет во Скопје – првата генерација со странски професори од Холандија.

Работев за големи меѓународни корпорации како Thomson Reuters, Tele2, Solera, Seavus и други. Тоа ми даде широк увид и компаративна предност во различни индустрии и системи – знаење што денес го применувам во секојдневните предизвици во одбрана на јавниот интерес.

Кое е вашето најголемо професионално достигнување?

  • Слободата и независноста. Успеав да ја изградaм својата кариера без зависност од партиски структури и домашни центри на моќ. Тоа ден денес ми овозможува да зборувам отворено и да делувам со интегритет.

Инаку, горд сум што работев со големи интернационални тимови, што основав и водев неколку компании, и што низ успеси и падови научив највредното — да останам истраен и ефикасен.

Имам работено на повеќе големи проекти поврзани со опслужување на големи интернационални клиенти и чија вредност надминуваат многу стотици милиони долари годишно. Во Македонија како консултант имам работено со поголеми приватни фирми и неколку министерства, а волонтерски учествував во повеќе работни групи на министерства што на крај резултираше со успешна измена на три закони.

Зошто сметате дека со оваа позиција ќе можете да промените нешто?

  • Советничката функција е најниското, но највлијателното ниво каде граѓанинот може директно да влијае врз одлуките. Независниот советник не должи ништо на партиите — само на граѓаните.

Ако се остварат аналитичките прогнози базирани на реална статистика и испитување на теренот што значи „Стига Е“ да добие 3–4 советници, тогаш ќе има реална и независна контрола врз градоначалникот и администрацијата.

Партиите ќе мора да работат ефикасно, транспарентно и ќе „играат во тепсија“ исклучиво за интересите на граѓаните.
Граѓаните добро знаат што значи кога едно советничко мнозинство е партиски контролирано како до сега.

Затоа треба да се прекине тој монопол и да се воспостави вистинска рамнотежа во интерес на локалната заедница, наместо да се симулира сценарија со истите партиски елити од позадината. Во што е разликата ако партиските коалиции се истите елити?!?

Што најмногу ве провоцира и сакате да го промените?

  • Менталитетот дека „ништо не може да се смени“. Може – ако Советот има луѓе кои не се плашат да застанат против партиски притисоци и да ја повикаат јавноста на нивна страна.

Ние ќе покажеме дека може да се функционира без коалиции и без партиски диктати. Да, ќе има многу подолги седници на совет каде ќе мора да се мерат аргументи наместо диригирана партиска трговија, но и вистински резултати за граѓаните.

Ова е можно во Струмица – покажаа тоа и нашите сограѓани во 2024 кога слободно гласаа за политичката партија Аваја и ги изненадија двете големи партии во Струмица кои вложуваа огромни средства и енергија за агресивна агитација. Епилогот на крај беше 1000 гласови за Аваја и никакви негативни последици. Значи можело, но треба само храброст и излезност.

За што конкретно ќе се борите?

  • За индивидуално гласање и одговорност на секој советник, без партиски директиви. Советниците на Стига Е ќе бидат клучни за секоја одлука во Советот и со директен пример ќе покажат како може да се работи без позадински куклари.

Фокусот ми е на екологија, оперативна ефикасност на администрацијата и финансиски одржлив развој на општината – според реалните можности, а не партиските ветувања и пазарења.

Сакам Советот на Струмица да стане модел за транспарентно и професионално локално управување.

Како ќе се опишете, каков човек сте?

  • Смирен и скромен, но гласен, строг и праведен кога треба. Не сакам конфликти, но не бегам од нив, а особено не ако се во одбрана на јавниот интерес.

Што читате?

  • Главно стручна и техничка литература и истражувања потребна за проектни активности во работата, па документи и материјали потребни за седниците на работата Советот и општината, повремено материјали и извештаи поврзани со закони и извештаи од парламентот и министерствата.

Во слободно време – филозофија, духовност, наука и фантастика. Ме инспирираат Аврелиус, Платон, Достоевски, Толстој, Берѓаев, Херберт, Толкин…

Колку книги имате дома?

  • Имам мини-библиотека наследена од родителите и дедовците па низ годините ја проширувам и надополнувам. Читам од дете – првата книга ми беше илустрирана библија, а потоа енциклопедии, списанија и сè што ми доаѓаше при рака. Дигиталните книги и списанија сега се актуелни и распространети, но ништо не ја заменува книгата во рака.

Какви филмови гледате?

  • Ретко имам време, но кога гледам – научна фантастика, хорор, авантура и акција.

Топ 3 омилени филмови:

  • Матрикс – за визијата на реалност и контрола.
  • Кум – за одлуките, перцепцијата и лојалноста.
  • Господарот на прстените – за храброста и надежта во борба за подобар свет.

Имате ли омилени места за патување?

  • Поради работата доста патував и повремено живеев на разни места во Европа и САД па би ги издвоил Рим, Берлин, Њујорк, Мадрид… Секое има своја енергија и убавина.

Каква музика слушате?

  • Главно рок од 70-тите и 80-тите, повремено класика. Од домашна музика би издвоил Архангел и Мизар.

Што ви се допаѓа во градот? Со што се гордеете?

  • Струмица има нешто што ретко каде го има – живост и душа.

Имаме прекрасна клима, блискост до море и планини, вкусна храна, безбедна средина, живописни историско-културни одбележја и секако прекрасен парк.

Гордам се со нашата локална култура, традиција и наши Струмичани кои ја претставуваат градот со чест и углед.

Каде може да ве сретне човек во градот?

  • Најчесто на прошетка низ паркот, корзото, повремено во кафе и културен настан. Во недела – на литургија. Тоа ми е време за мир и рефлексија. Често знам да пешачам по улиците на градот.