Песната на Black – „Wonderful Life“ — е една од оние песни што ве враќаат директно во минатото! Но, минатото на еден безгрижен и безбеден свет.
Објавена во 1986 година, оваа прекрасна, благо меланхолична класика има звук што е невозможно да се заборави. Со длабокиот, топол глас на Колин Вернкомб, нежните синтисајзери и онаа мелодија што веднаш се препознава, песната некако успева да биде истовремено и тажна и охрабрувачка. Таа е совршена за тивка вечер, носталгично мечтаење и долго препуштање на спомените.

Песната за првпат се појави на дебитантскиот албум на Black, насловен „Wonderful Life“, објавен во 1987 година. Интересно е тоа што таа не стана хит веднаш по првичното објавување во 1986 година, но по повторното издавање во 1987 година, доживеа огромен меѓународен успех. Се искачи на 8-то место на британската топ-листа за синглови и стекна обожаватели низ цела Европа.
Иако воопшто не е оптимистичка химна, Вернкомб всушност ја напишал оваа меланхолична песна во состојба на чиста иронија, откако неговата издавачка куќа го отпуштила, тој останал без пари, а неговиот прв брак целосно се распаднал. Има нешто навистина посебно во „Wonderful Life“. Таа нè потсетува дека животот не е совршен, но сепак постојат прекрасни моменти за кои вреди да се живее. Ова е една од оние безвременски песни што можат да ги вратат сеќавањата на луѓе, места и моменти за кои сме мислеле дека сме ги заборавиле. И некако, таа звучи исто толку прекрасно денес, како што звучела и тогаш.
Песната си добила и официјален видео спот кој стана антологија на музичките видео спотови. Музичкиот спот, снимен во црно-бела техника, е реализиран во англиското приморско одморалиште Саутпорт (Мерсисајд), како и во Валаси, во близина на Ливерпул – родниот град на Блек. Во него се појавуваат светилникот и шеталиштето во Њу Брајтон. Спотот вклучува кадри од ролеркостерот „Лупинг стар“ (кој во тоа време се наоѓал во забавниот парк „Плежерленд“), атракцијата „Галион“, брод за ловење ракчиња, како и локални продавници и жители. Режисер е Џерард де Тејм, а делото освоило награда на Филмскиот фестивал во Њујорк во 1988 година.
Еве, повторно излегувам на море
Сончевите зраци ми ја милуваат косата
А соништа лебдат во воздухот
Галеби на небото и во моите сини очи
Знаеш, се чини неправедно
Магија има насекаде
Погледни ме, стојам
Повторно овде, сосема сам
Исправен, на сончева светлина
Нема потреба да бегам и да се кријам
Животот е прекрасен, навистина прекрасен
Нема потреба ниту да се смеам, ниту да плачам
Животот е прекрасен, навистина прекрасен
Сонцето ти е во очите
Топлината ти е во косата
Како да те мразат само затоа што си таму
А мене ми треба пријател
О, ми треба пријател што ќе ме направи среќен
За да не стојам овде сосема сам
Ми треба пријател
О, ми треба пријател
Што ќе ме направи среќен
За да не бидам толку сам.
Архангел на својот втор албум „Архангел 2“ во 1993 година, направија чудесна верзија на песната под наслов „Чудесен свет“ која стана еден вид химна на македонскиот рокенрол. „Нема потреба од брзање, навистина ова е чудесен, чудесен свет!“