Враќањето на европската сцена за тимот на „Алијанц Милано“ – освојувачи на овој трофеј во 2021 година – помина успешно само резултатски. Сепак, она што требаше да биде рутинско гостување во Северна Македонија, се претвори во, како што велат Италијанците, „екстремно комплицирана мисија“ поради условите во спортската сала во Радовиш.
Тренерот на Милано, Роберто Пјаца, не го криеше своето незадоволство по натпреварот. Според него, екипата морала да вложи натчовечки напори не само за победа, туку и за да остане здрава во услови кои не доликуваат на професионален спорт.
„Да речеме дека го извлековме максимумот со значителен напор да останеме на теренот во навистина екстремни услови. Игравме во сала каде температурата беше меѓу 12 и 13 степени. Беше многу комплицирано гостување од еколошки аспект.“ изјави Пјаца.
Тој додаде дека е разочаран од Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ): „Жал ми е бидејќи ЦЕВ беше совршено свесна за оваа ситуација. Се очекува нешто повеќе од оние што го води нашиот спорт на европско ниво. Единствената позитивна работа е што никој не се повреди, бидејќи навистина се ризикува многу со професионални играчи кои го носат физичкиот напор до крајни граници на вакви температури.“
Сабрина Ангелеску, заменик генерален директор на „Алијанц Пауерволеј Милано“ и организациски директор за настани на ЦЕВ, ги оцени условите во салата СРЦ „25 Мај“ како „неприфатливи“.
Таа истакна дека температурата од 12 степени е далеку под регулаторните граници на ЦЕВ (кои налагаат температура меѓу 16 и 25 степени). Дополнителен проблем создале трите грејни тела, кои според Италијанците биле „нефекасни и извор на чад“, што довело до откажување на утринските тренинзи.
Како капак на се, се случил и бизарен инцидент пред самиот почеток на мечот.Тројца играчи (Ичино, Катанија и Линдквист) останале заглавени во лифтот на салата. Тие пристигнале со доцнење на загревањето пред натпреварот.
„Тоа беше апсурден настан, кој совршено го отсликува контекстот во кој се најдовме,“ коментираше Ангелеску.
Според наводите на италијанскиот клуб, супервизорот на натпреварот првично ја прифатил жалбата на Милано, нотирајќи го и недоволното осветлување. Сепак, од седиштето на ЦЕВ во Луксембург пристигнала наредба натпреварот да се одигра, повикувајќи се на претходни натпревари одиграни во слични услови.
Ангелеску оваа одлука ја нарече „неразбирлива и непочитувачка кон професионалците на теренот“.
Клубот потврди дека веќе ги информирал италијанската Лега Волеј и Федерацијата (FIPAV) за ситуацијата и поднел официјална жалба до ЦЕВ, нагласувајќи дека ваквото управување не смее да се прифати на европско ниво.
До оваа ситуација дојдовме игнорирајќи ги најдобронамерните укажувања на нашите експерти дека условите за професионален спорт се во постојано деградирање и дека одговорните не превземаат ништо за подобрување на истите
Извор:
– Volleynews.it