Фреската на Светите Петнаесет тивериополски маченици од Струмица – во редот на најстарото ѕидно сликарство во Македонија 

8 мин. читање

Локалитетот Св.15 Тивериополски маченици се наоѓа во јужниот дел на градот Струмица. Овој простор во доцната антика бил надвор од урбаното јадро и опстојувал како некропола каде се погребувале христијаните. Од ова место почнал да се шири култот кон Св.15 Тивериополски маченици кој се одржал во средниот век, па до денес. Со археолошките истражувања на локалитетот  Св.15 Тивериополски маченици кои со делумни прекини траеле од 1972 до 2008 е откриен комплекс од црковни градби, како и 23 засводени гробници.

Гробниците се изградени врз постар храм, односно ранохристијанска базилика, чиј под бил декориран со полихромен мозаик. Појавата на крстот меѓу мотивите на мозаикот е доказ дека станува збор за христијански сакрален објект. Од оваа базилика е зачуван дел од апсидата на источната страна, северниот периметрален ѕид и основата на севрниот стилобат.

Подоцна на базиликата во крајот на IX – почетокот на X век е изградена петкуполна крстовидна црква, со стилски градежни влијанија од цариградската, средновековна-сакрална архитектура Лоцирана е на јужната страна и го зазема централниот наос на базиликата, со нартекс и егзонартекс на западната страна. Во централниот дел на наосот на крстовидната црква е сместена голема засводена гробница. Во оваа гробница, на западниот калкан е насликан е портретна претстава на светите Тивериополски маченици. Според своите карактеристики, ова ѕидно сликарство спаѓа во редот на најстарите фрескоживописи, откриен на подрачјето на Македонија.

Криптата има димензии од 2 метри должина, 0,82 метри ширина х 1,61 метри висина. Градена е од кршен камен поврзан со малтер. Сводот е изграден од стандардните доцноантички тули. Одвнатре е малтерисана, а од северната и од јужната страна има насликани крстови со проширени краци, живописани со темнокафеава боја. На западниот калкан е насликан колективен портрет на петнаесетте мартири, затворен во една полукружна рамка – clipeus. Оваа фреска воедно претставува фунерарен портрет. Мартирите се насликани до појасот, со атрибути што покажуваат совпаѓање со податоците што ги дава текстот на Теофилакт Охридски за нивното мачеништво.

Трансформацијата на централната засводена гробница во крипта започна со додавање на фреска на Петнаесетте Тивериополски маченици, насликана на нејзиниот западен ѕид и директно свртена кон скалите што водат надолу во криптата. Фрагментарната фреска е откриена во 1973 година од Димче Коцо и Петар Миљковиќ Пепек. 

Струмичката фреска открива силна приврзаност кон цариградскиот стил што се гледа во минијатурното и монументалното сликарство од крајот на IX  и почетокот на X  век. Врз основа на анализата на фреската зачувана во засводената гробница, центарот на посветеноста на мачениците во Струмица е создаден во првата половина на X век. Овој заклучок е во согласност со информациите дадени во Теофилактовиот живот. Според сите извештаи, се чини дека сликовната програма во Струмица е извршена дури по изградбата на црквата во Брегалница, каде што моштите на тројца маченици првично биле погребани, а подоцна им се придружиле и моштите на уште двајца. Оваа низа можеби се одвивала и под покровителство на бугарските владетели Симеон или Петар, како што сугерира високиот квалитет на сликарството и неговата стилска усогласеност со цариградските модели.

Тоа несомнено можеме да го поврзаме и со житието на Светите Петанесет тивериополски маченици од Охридскиот архиепископ Теофилак Охридкси. По долги години, според житието градот Тивериопол бил разрушен до темел од страна на Омбрите (Аварите и Словените) а гробовите останале затрупани во разурнатиот храм.

Култот кон Светите Петнаесет Тивериополски маченици се возобновил и повторно станал актуелен од средината на IX век наваму кога овие територии од Макекедонија биле завладеани од страна на бугарските владетели Борис I и Симеон I. 

Според верувањата светите маченици почнале да се појавуваат на местото каде што биле положени и ги гледале како одат ноќно време по бедемот, разделувајќи им на сите што им требаат големи исцеленија. Бугарскиот цар Борис дал заповед во Брегалничката епархија да биде изграден нов храм каде ќе бидат пренесени моштите на мачениците. Борис ја поддржал градбата на крстовидната црква во Струмица врз темелите на разурнатата ранохристијанска базилика и над гробовите на мачениците. При ваквиот воспоставен култен тренд се иницирало и пренесувањето на моштите во новоизградената катедрална црква посветена во нивен спомен во формираната епископија на Брегалница.

Оваа задача била доделена на комит Таридин кој кога застанал врз местото каде се јавувале светителите дал наредба да се започне со копање по кое биле откриени ковчезите кои биле покриени со мермерни плочи и потпишани со натпис врз кој било изложено името на секој од светителите, надворешниот изглед, начинот на живот, чинот и цртите на лицето. Зацврстувањето на светителскиот култ кон св. Петнаесет Тивериополски маченици било предизвикано со откривањето на светите мошти на петте маченици Тимотеј, Комасиј, Евсевиј, Теодор и Сократ во втората половина на IX век. 

Во 42-та глава од Житието се наведува дека пренесувањето на моштите било на 28 август, датум кој влегол и во црковниот календар за празнување на овој чин. Во следните години според христијанските верувања, моштите на овие маченици станале извор на разни чуда. Меѓутоа, жителите на Тивериопол се побуниле на одлуката пронајдените мошти да бидат пренесени во Брегалничкиот храм, бидејќи не сакале да останат без своите заштитници. Откако долго време имало спор помеѓу Таридин и жителите, сепак, било одлучено да се земат телата на тројца од мачениците – Тимотеј, Комасиј и Евсевиј, а моштите на Теодор и на Сократ биле задржани во обновениот струмички храм. Наследникот на Таридин во времето на Симеон станал Дристер, кој по заповед на бугарскиот цар ги пренел во Брегалничката црква моштите на струмичките светци Сократ и Теодор.

Овој сакрален објект се споменува и во средновековните извори. Во грамотата од 1348-1352 година, српскиот цар Стефан Душан ја подарил црквата Св.Петнаесет како метох на новооснованиот манастир ,,Св.Архангели Михаил и Гаврил“ во Призрен.

За време на отоманскиот период, црквата најверојатно била разурната, но значењето и светоста на ова место останало во колективната меморија на локалното население се до ден-денешен.

Извори:
Academia.edu (Средновековни тврдини во југоисточниот регион на Република Македонија (XI-XIV.век): функција, значење и временски рамки, Струмица 2025.)
visanu.rs (BARBARIANS, RHOMAIOI AND THOSE IN BETWEEN)
Academia.edu (Fresco of the Fifteen Martyrs of Tiberiopolis in Strumica in the Context of the Byzantine Art of the Late 9th – First Half of the 10th Century)
Wikipedia.org

Автор:
Вработен во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица.