Макс Ромер (Хамбург, Германија 1878 – Фунчал, Португалија 1960).
Гермаски сликар, Студирал на ликовната академија во Берлин и Хамбург. Подоцна работел во париското студио на професорот Ото Лудвиг Синдинг. Познат е по тоа што ја декорирал Дрезденската банка и Берлинското градско собрание. Подоцна работел како професор на Ликовното училиште во Алтона.

За време на Првата светска војна Макс Ромер бил војник во германската пешадија и учествувал во борбите на западниот фронт во Франција, на Романскиот фронт (1917) и на Солунскиот фронт во Македонија (1918). На Солунскиот фронт е унапреден во полковник и е одликуван со повеќе воени ордени. Додека бил во рововите на фронтот, освен што се борел, тој и сликал.
По војната се преселува на португалскиот остров Мадера каде што станува еден од најпознатите сликари на овој остров. Во 1958 година неговата ,,рововска“ уметничка колекција, вклучувајќи ги тука и делата изработени во Македонија, била изложена во Академијата за ликовни и музички уметности во Фунчал, Португалија.
Макс Вилхелм Ромер учествува во воените кампањи на германската војска во Македонија, за време на Првата светска војна. Поминува низ Струмица и насликува цртеж со молив на кој е претставено маало во градот Струмица, на кој акцентот го ставил на една одбранбено станбена кула. Изгледот на овој објект не соодветствува со кулата која денес сеуште егзистира во турското маало на градот Струмица. Тоа секако е еден голем доказ, дека, сепак во Струмица имало повеќе вакви фортификациони објекти.
Во достапните податоци за овие станбенo – одбранбени кули, ретко имаме информации за присуството на надворешен одбранбен ѕид околу нив. Овие кули биле дел од мали семејни утврдувања, од типот на османски воени фортови. Ѕидовите на овие кули се камени, мазни, а на делови се ѕидани со декоративни елементи од тула. Внатрешниот обем е поделен на три до четири ката, сврзани меѓу себе со дрвени скали. Приземните спратови обично се искористувале за стопански потреби, а горните за живеење. Поради тоа во ѕидовите на горните спратови биле оформени огништа, мали ниши и мусандри. Влезовите на овие кули се тесни и подигнати од теренот, достапноста била овозможена преку дрвени подвижни скалила. Вратите биле од масивно тврдо дрво со железна опшивка. Во некои случаеви по средновековен манир кај најдолните нивоа за живеење се граделе тоалети, изнесени екрерно надвор од обемот на кулата. Одбранбениот карактер на овие објекти се засилувал и од тесните отвори, т.н. амбразури, кои се замена за прозорците.

Овој тип на кули се градени во текот на целиот османлиски период, одговарале на локалните прилики, несигурност во начинот на живеење на граѓаните. Покрај одбранбената функција, овие кули служеле за домување, таков е и примерот на Феудалната кула, каде што вториот и третиот кат ја имале токму таа намена. Влезот на кулата намерно е подигнат од теренот и без скали (се користеле дрвени подвижни скали) кои навечер се тргнувале за да се зголеми безбедноста на станарите. Оваа кула, според нејзините особености, ја датираме во XVII – XVIII век, а судејќи според квалитетот на градбата припаѓала на некој угледен граѓанин.
Извор:
– Влатко Милошовски и Зоран Андонов, Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850–1950 година, Скопје 2021.