Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против полициски службеник кој испукал куршум во службена просторија во Секторот за внатрешни работи Струмица, во присуство на повеќе колеги. Инцидентот се случил откако инспекторот добил решение за отстранување од работното место.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР ја поднесе пријавата до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Пријавениот е А.Б., на работно место „самостоен инспектор“ во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.
Тој се товари за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво по член 288 став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според наводите во пријавата, инцидентот се случил на 30 април 2025 година, околу 10:25 часот. Пријавениот А.Б. бил на работа во службена просторија во кругот на СВР Струмица, каде биле присутни и други полициски службеници.
Откако го примил и го потпишал решението за отстранување од работното место, началникот му издал наредба да го предаде своето службено лично вооружување. Во тој момент, инспекторот го извадил службениот пиштол од своето биро, извршил репетирање и испукал еден куршум. Куршумот бил испукан во правец на вратата на метален сеф кој се наоѓал во просторијата.
Од МВР истакнуваат дека со овој чин, инспекторот „предизвикал значителна опасност за животот и телото на присутните“.
Покрај кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола против пријавениот ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Во меѓувреме, изречени се и задолжителни мерки, вклучувајќи итно отстранување од работното место (суспензија) до завршување на дисциплинската постапка, одземање на службеното оружје и муницијата, како и упатување на задолжителен психијатриски и психолошки преглед.
Извор:
– “Facebook” страна на министерството за внатрешни работи