По повеќе од една деценија чекање, центарот на Скопје конечно го доби својот нов духовен симбол – храмот „Св. Константин и Елена“, изграден на улицата „Македонија“. По 13 години градилиште и лимени бараки кои го нарушуваа изгледот на градот, црквата денес блеска во полн сјај и е подготвена за свечено отворање.
Осветувањето на храмот ќе се одржи на 28 септември, а светата литургија ќе започне во 8:30 часот. Чинот на осветување ќе го изврши поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во сослужение со архиереите на Македонската православна црква.
На свеченоста се очекува присуство на државниот врв, дипломатскиот кор, стопанственици, претставници на локалната самоуправа, медиуми, како и голем број верници.
Изградбата на храмот започна во 2012 година, со средства обезбедени преку донаторски конференции. Поради финансиски потешкотии, проектот се пролонгираше и траеше цели 13 години.
Храмот „Св. Константин и Елена“ конечно ја добива својата заслужена завршница и ќе стане значаен духовен центар во срцето на Скопје – радосна вест не само за главниот град, туку и за цела Македонија.
Нека ова достигнување биде поттик и за локалната и црковната власт во Струмица да го забрзаат процесот на изградба на нашата црква во центарот на градот.