Манастирот Св.Богородица Милостива (Елеуса) – с.Велјуса дел од научноистражувачкиот проект “Византиските монашки центри во РС Македонија – традиција и континуитет”

5 мин. читање

Во периодот од август 2025 до октомври 2026 ќе биде реализиран Научноистражувачкиот проект ,,Византиските монашки центри во РС Македонија – традиција и континуитет“, предводен од ЈНУ Институт за старословенска култура – Приелп. Проектот е финансиран од страна на Министерството за образование и наука на РС Македонија и во истиот се вклучени еминентни домашни и странски истражувачи.

  • Име на проектот: Византиските монашки центри во РС Македонија – традиција и континуитет
  • Финансиран од: Министерството за образование и наука на РС Македонија
  • Период на реализација: август 2025 – октомври 2026
  • Главен истражувач: д-р Александар Василески, виш научен соработник
  • Научноистражувачки тим: д-р Бранислав Ристески; д-р Ели Луческа; д-р Орданче Петров; д-р Христијан Талевски; д-р Атанас Атанасоски; д-р Душко Цветанов; Паско Кузман; д-р Марија Чичева Алексиќ; д-р Иван Заров; м-р Ивона Панџак Пинева; м-р Горан Василески; м-р Катерина Росикопулос; м-р Христијан Петровски; истражувачи од странство: д-р Марија Алесија Роси; Ник Ангелоф.

Научноистражувачкиот проект Византиските монашки центри во РС Македонија : традиција и континуитет, претставува мултидисциплинарен проект чија цел е да го проследи карактеристичните манифестации на материјалната и духовна култура поврзани со конкретен топос. Согледувајќи ја богатата стратиграфија на културните напластувања на тлото на Македонија, а со цел да се проследи континуитетот и еволуцијата на културните процеси, поставени се широки хронолошки рамки за нивното согледување – од антиката па се до времето на перодбата. Главниот акцент во проучувањето на манастирските центри ќе биде поставен на комплексните еволутивни процеси на културата, кои јасно можат да се согледаат преку селектираните манастирски центри, како главни носители на културата во средновековието. Со истражувањата предвидено е да бидат опфатени манастирите: Св. Пантелејмон / Св. Климент – Плаошник; Успение на Пресвета Богородица – Трескавец; Св. Никола, с. Манастир – Мариово; Св. Преображение – Зрзе; и Св. Димитрија – Чебрен. Примарен критериум за селекција на наведените монашки центри е нивната позиционираност на локации каде се бележи човечкото присуство од времето на антиката, преку ранохристијанскиот и средновековниот период, па до денес. Воедно, сликарските дела кои се наоѓаат на ѕидовите на манастирските цркви, како и иконите, претставуваат неодминливо поглавје во антологијата на византиската уметност. Имајќи предвид дека овие манастири биле најзначајните духовни, културни и уметнички жаришта во средновековието, очекувано е нивното значајно место во народната традиција, како во минатото така и денес.

Покрај наведените монашки центри со научноистражувачките активности ќе бидат опфатени уште пет споменици: Св. Пантелејмон – Нерези; Св. Ѓорѓи – Курбиново; Пресвета Богородица Елеуса – Вељуса; Св. Ѓорѓи – Старо Нагоричино и Св. Никола – Моклиште. Поголемиот дел од сакралните објекти во втората група се одликуваат со архитектонски и сликарски квалитети кои ги вклучуваат во ризницата на светското средновековно наследство, а во нивната поблиска околина се регистрирани остатоци од предисториски и антички градби. Сепак, со оглед на тоа што до денес не е извесно дали може да се воспостави некаква врска меѓу овие објекти и постарите слоеви, а воедно кај некои (како на пр. Курбиново) не е познато дали оригинално имале функција на манастирски католикон, во рамките на оваа фаза од истражувањата тие ќе бидат од второстепено значење.

Иако дел од историските и културните аспекти на овие споменици биле предмет на научен интерес, проблематскиот пристап и мултидисциплинарната методологија која е дефинирана во овој предлог-проект, го издвојува од сите досегашни истражувања. Имено, преку продлбочените истражувања од аспект на археологијата, историјата на ументоста, историјата на јазикот и етнологијата кои ќе се спроведат во рамките на овој проект ќе се создаде поцеловита слика за социјалните, економските, градителските, уметничките и духовните процеси кои се одвивале на овие значајни пунктови во период повеќе од два милениуми. При тоа со истражувачките активности не само што ќе се добијат сознанија за посебните фази од егзистенцијата на манастирските центри, туку, воедно ќе се стекне стекне општа слика за цивилизациските процеси кои се одвивале на пошироката географска територија на Македонија, како и во Балкански и источномедитерански контекст.

Вака дефинираните цели на истражување уште во фазата на апликација го поттикнаа интересот кај странските институции и истражувачи, при што две водечки високообразовни институции од САД – универзитетот Принстон, Њу Џерси и универзитетот Хамболд, Калифорнија изразија интерес активно да се вклучат во истражувањето, публикувањето и десиминацијата на резултатите од проектот.

Извор: ЈНУ Институт за старословенска култура – Приелп

Автор:
Вработен во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица.