Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против З.Г. (57) од Струмица, поранешен директор на Јавното претпријатие „Комуналец“, поради основано сомнение дека во 47 наврати ја злоупотребил својата службена положба и овластување. Според официјалните информации од МВР, пријавениот во текот на 2022 и 2023 година ги пречекорил границите на своите овластувања и постапил спротивно на Законот за работни односи, оштетувајќи го буџетот на претпријатието за вкупен износ од 1.095.438 денари.
Истрагата утврдила дека поранешниот директор, повикувајќи се на Колективниот договор на претпријатието, донесувал незаконски одлуки за исплата на паричен надомест за неискористени денови од годишен одмор. Овие исплати биле реализирани за него лично, но и за поголем број други вработени во јавното претпријатие. Конкретно, во 2022 година по овој основ биле исплатени 593.259 денари за него и уште 24 вработени, додека во 2023 година биле исплатени дополнителни 502.179 денари за него и за 21 друго вработено лице. Кривичната пријава е веќе процесуирана до Основното јавно обвинителство Струмица за понатамошно постапување.
Извор:
– Веб страна на МВР