Струмичките пожарникари спасија девојка од провалијата „Црвен Дол“

1 мин. читање

Во раните утрински часови започнала акција на Противпожарната единица за извлекување на девојка која паднала во длабока провалија под тврдината Цареви Кули во месноста Црвен Дол. Благодарение на брзата и професионална интервенција на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица, девојката е успешно извлечена.

Повикот за помош пристигнал во раните утрински часови, по што шест пожарникари-спасители веднаш се упатиле кон местото на несреќата со две специјални теренски возила. Спасувачката операција се одвивала на исклучително тежок и непристапен терен, што барало максимална претпазливост и физичка подготвеност на тимот.

„За извлекувањето беше користена специјална алпинистичка опрема и носила, со цел повреденото лице безбедно да биде извадено од бездната“, информираат од ТППЕ Струмица.

По неколкучасовни напори, пожарникарите успеале да ја извлечат девојката од провалијата, по што таа веднаш била предадена на медицинските екипи од Итната медицинска помош за понатамошно лекување.

На местото на настанот биле присутни и припадници на СВР Струмица, кои вршеле увид за да се утврдат причините поради кои девојката паднала во провалијата.

Извор:
Facebook страна на ТППЕ Струмица