Парадоксот на Соломон

Зошто лесно ги решаваме туѓите проблеми, а тешко своите?

4 мин. читање

Сигурно ви се случило пријател, колега или член од семејството да ви раскаже за некој свој проблем, а вие речиси веднаш да знаете што е најдобро да направи. Јасно ги согледувате можните решенија, ги проценувате последиците и давате разумен совет. Но, кога ќе се најдете во слична ситуација, одеднаш станува многу потешко да донесете одлука. Се појавуваат сомнежи, стравови и неизвесност, а она што кај другите изгледало толку очигледно, кај нас станува многу посложено.

Овој феномен во психологијата е познат како Парадоксот на Соломон, именуван според библискиот цар Соломон, кој бил познат по својата мудрост во решавањето на туѓите спорови, но не секогаш покажувал исто ниво на мудрост кога станувало збор за неговиот сопствен живот. Овој поим првпат научно го разработија психологот Игор Гросман и неговите соработници, кои покажаа дека луѓето вообичаено расудуваат помудро кога размислуваат за туѓите проблеми отколку кога одлучуваат за сопствените.

Што се случува во нашиот мозок?

Кога размислуваме за проблемите на другите, ние природно создаваме психолошка дистанца. Не сме емоционално вклучени и затоа полесно ја согледуваме пошироката слика. Во такви ситуации поефикасно функционира префронталниот кортекс – делот од мозокот задолжен за логичко размислување, планирање, самоконтрола и проценка на долгорочните последици.

Кога проблемот е наш, ситуацијата се менува. Силните емоции, како стравот од неуспех, одбивање, загуба или срам, ја активираат амигдалата – мозочна структура која има важна улога во обработката на емоциите и препознавањето на потенцијални закани. Под влијание на силен стрес, активноста на префронталниот кортекс може привремено да биде намалена, па затоа потешко размислуваме објективно и долгорочно. Не стануваме помалку интелигентни, туку нашето расудување е повеќе обоено од емоциите отколку од логиката. Ваквата поврзаност помеѓу емоциите и донесувањето одлуки е опишана во истражувањата на невронаучниците Џозеф Леду и Антонио Дамасио, како и во трудовите на психологот Даниел Канеман за когнитивните пристрасности.

Како да донесуваме помудри одлуки?

Истражувањата покажуваат дека едноставна промена на перспективата може значително да го подобри квалитетот на нашите одлуки. Психологот Итан Крос утврдил дека кога размислуваме за сопствениот проблем како да му се случува на некој друг или кога си поставуваме прашање во трето лице, емоционалниот интензитет се намалува, а способноста за рационално размислување се подобрува. Оваа техника е позната како самодистанцирање и денес се смета за една од најефикасните стратегии за подобра емоционална саморегулација и помудро расудување.

Следниот пат кога ќе се најдете пред важна одлука, запрашајте се: „Што би му советувал на мојот најдобар пријател ако се наоѓаше во истата ситуација?“ Многу е веројатно дека токму тој совет е најдоброто решение и за вас.

Научни извори: Grossmann, I. & Kross, E. (2014). Exploring Solomon’s Paradox: Self-distancing eliminates the self–other asymmetry in wise reasoning about close relationships.

Kross, E. (2021). Chatter: The Voice in Our Head, Why It Matters, and How to Harness It. LeDoux, J. The Emotional Brain. Damasio, A. Descartes’ Error. Kahneman, D. Thinking, Fast and Slow.

Автор:
Психолог и логотерапевт (психотерапевт), посветен на унапредување на менталното… повеќе