Колку лесно обичниот човек во нечовечни услови станува тиранин?

4 мин. читање

Германскиот филм Das Experiment „Експеримент“ од 2001 година е еден од највознемирувачките психолошки филмови. Режиран е од Oliver Hirschbiegel и е инспириран од вистинскиот Stanford затворски експеримент. Не случајно филмот е направен во германски контекст, со траги од траумите на постнацистичка Германија.

Приказната почнува кога дваесетина доброволци се пријавуваат на еден платен научен експеримент. За две недели, секој од доброволците треба да добие по 4 000 марки. По случаен избор, едни стануваат „затвореници“, а други „чувари“.

Треба да останат во таа поделба, во тие улоги, според точно одредени правила, две недели, а правилото е едноставно: нема физичко насилство. Секоја од нив во себе си повторува еден значаен психолошки момент: ,,можам да го напуштам експериментот кога сакам и по сопствена волја.”

Но, многу брзо сè излегува од контрола.
Сопствената волја станува душевен затвор, а сценографијата на затворот станува пеколен кошмар. Чуварите почнуваат да ја чувствуваат моќта што им е дадена. Од обични луѓе се претвораат во сурови и понижувачки авторитети. За само неколку дена тие толку се внесуваат во своите улоги, што од луѓе-аматери се претвораат во професионални џелати.

Затворениците, пак, постепено го губат достоинството, почнуваат да се плашат, а некои психички се кршат. Еден од нив, новинарот Тарек Фахд, намерно учествува во експериментот за да напише статија, и тајно го смима експериментот. Шегаџија и слободоумен индивидуалист, тој се труди експериментот да помине во пријателска атмосфера. За многу скоро време ќе биде скршен и ќе сфати дека се наоѓа во пеколно место со исфрустрирани личности кои го чекале својот момент да ја покажат сета своја суровост врз невини и немоќни луѓе.
Тој станува главен противник на чуварите.

Експлодираат најлошите и најмрачните зли енергии кои човек ги крие длабоко закопани во себе.

Најстрашното во филмот е што никој не ги принудува луѓето да бидат зли. Самата улога што ја добиваат и чувството на власт се доволни за да ја разбудат нивната темна страна. За само 24 часа власт, групата која треба да ги контролира останатите, создава идеологија од задачата и од обични чувари тие стануваат монструми. Чуварите се држат цврсто како одбрани луѓе кои веруваат дека природно им припаѓа правото да владеат.

Уште на четвртиот ден, експериментот се претвора во вистински хорор со насилство, смрт и целосен распад на човечноста. Затворот од симулација се претвора во нацистички логор.

Во одредени околности, обични луѓе можат да направат ужасни работи ако добијат неконтролирана моќ и ако престанат да ги гледаат другите како човечки суштества. Од ненасилен психолошки експеримент, дејствието се претвора во садистичко изживување врз слабите.

,,Експеримент” е филм за самракот на човечката личност која според општествената улога ги менува ролјите од патолошки мачител во маченик и жртва. Колку брзо и лесно едно нормално уредување во кое им е дадена неограничена моќ на група луѓе, може да стане кошмарна тиранија на ,,избраните”?

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе