Сите се сеќаваме на првата епизода од серијалот „Знаци и патокази низ Струмица“ пред неколку месеци. Тоа не беше обично означување на локалитетите, тоа беше вистинска јазична револуција! Надлежните тогаш покажаа таква креативност со имињата на објектите и локалитетите, што цела јавност колективно се фати за глава.
Откако видоа дека ја утнаа работата, надлежните експресно ги извадија таблите. Си рековме – „Еве, ќе ги поправат грешките, луѓе се, грешат“. И еве нè денес, месеци подоцна. Влегуваме во втората фаза од проектот: „Уметничка инсталација – Голи шипки за еротски танци“. Сега низ Струмица гордо си стојат само железните шипки. Нема табли, нема букви, нема грешки! Изгледа институциите сфатиле дека најсигурен начин да не се згрешиш некое име е – воопшто да не се напише.
И можеби најголемата трагедија во целата приказна е објавата на институцијата која беше одговорна за поставување не патоказите како и тоа што никогаш во нашата држава немало одговорност за носителите на јавни функции додека се на власт дури ни кога јавно изнесуваат невистини, како оваа, дека новите табли ќе се постават во следните денови. НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица : 25 февруари 2026
Денес на неколку локации во Струмица беа поставени патоказни табли, при што на дел од нив се појавија ненамерни технички грешки. Сакаме да ја информираме јавноста дека овие пропусти не се резултат на работа или постапка на НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица.
Во интерес на точноста и коректното информирање, таблите со грешки ќе бидат повлечени (извадени) и ќе бидат поставени нови табли во текот на следните денови.
Им благодариме на граѓаните за разбирањето и на сите што укажаа на забелешките. Oстануваме посветени на професионално и прецизно претставување на културното наследство и јавната сигнализација