Гранџот дојде речиси како естетско плукање во лицето на модните брендови и скапата облека која ја носеа младите.
Инспирирани од културата на новиот музички бран во почетокот на 90-тите, младите просто му кажаа на светот:
-Не сакам да изгледам богато!
И младите почнаа да носат нешто што претходно можело да изгледа сосема немодно, работничко или запуштено. Тоа беше голем револуционерен чекор против капиталистичкиот елитизам кој ги одделуваше богатите од ниско социјалните средини, пркосејќи на една силна култура на луксуз, статус, дизајнерски имиња и „power dressing“. Фланелска кошула, стара маица, искинати фармерки, карирани блузи, голем џемпер…
Не станува збор само за „отфрлање на брендови“, туку пред сè за отфрлање на самата логика дека облеката мора да покажува статус.
Курт Кобејн, иконата на гранџот, природно изгледаше како човек кој не се труди да изгледа според правилата на модата. Неговата појава изгледаше како спротивност на грижливо конструираниот изглед на модната индустрија.
Наеднаш и сиромашните тинејџери можеа да бидат во центарот на музичките случувања без да се плашат од стигмата на нивниот изглед и евтина облека.
Текст: Никола Пијанманов