Општина Струмица издаде предупредување до жителите на населеното место Попчево дека водата од чешмата „Огледало“, која се наоѓа во центарот на селото, не е здравствено исправна и безбедна за пиење. Според анализите од Центарот за јавно здравје – Струмица, примерокот земен од оваа изворска чешма не ги исполнува законските прописи поради контаминација со бактерии кои се индикатори за фекално загадување.
Во однос на остатокот од населбата, извршено е испитување на примерок од чешма во куќа приклучена на водоводната мрежа и истиот целосно одговара на законските и стручни прописи. Во таа вода нема присуство на штетни микроорганизми, физички или хемиски супстанции, што значи дека водата од водоводната мрежа е безбедна и исправна за пиење.
Од Општината упатуваат апел до месното население воопшто да не ја користи водата од чешмата во центарот на селото сè до ново официјално известување за нејзината исправност.