Општина Струмица најави изградба на нов, капитален зелен проект во населбата Карпош (дел 2), кој треба значително да придонесе кон подобрување на квалитетот на воздухот во градот. Ова беше договорено на денешната средба помеѓу градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Грегоријан.
Главниот фокус на средбата беше ставен на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, во чии рамки ќе се реализира и изградбата на новиот парк. Според најавите, овој простор ќе се простира на површина од 14.000 метри квадратни и ќе биде уреден со современа паркова инфраструктура и богати зелени површини.
„Станува збор за заедничка инвестиција во вкупна вредност од 26 милиони денари, од кои 16 милиони се средства на Општината, а 10 милиони денари се обезбедени од УНДП. Ова е директен влог во создавањето здрава животна средина којашто ја заслужуваат струмичани“, истакна градоначалникот Јанков.
На средбата се разговараше и за другите тековни проекти кои Општината ги реализира со финансиска поддршка од УНДП, при што двете страни изразија силна волја за продлабочување на соработката во повеќе области од значење за локалниот развој.
Со изградбата на овој парк, Струмица добива уште едно „белодробно крило“ кое треба да помогне во борбата против аерозагадувањето, што е еден од приоритетните еколошки предизвици за градот.