Четвртоодделенци од „Сандо Масев“ со искрени желби во посета на Општина Струмица

2 мин. читање

Денешниот ден во Општина Струмица помина во знакот на најмладите. Ученици од четврто одделение од Основното општинско училиште „Сандо Масев“, придружувани од своите наставници, беа гости во просториите на локалната самоуправа.

Целта на посетата беше учениците одблиску да се запознаат со начинот на кој функционира Општината. Тие покажаа голема љубопитност за активностите на градоначалникот Петар Јанков, па дури и се интересираа за тоа „како се станува прв човек на општината“.

Претставниците на Општината ги запознаа децата со плановите и проектите кои се предвидени за нивното училиште и истакнаа дека денот им бил разубавен од детските насмевки.

„Со задоволство одговаравме на нивните прашања… Ви благодариме ученици што ни го разубавивте денот, да растете, учите многу, да бидете живи и здрави“ – порачаа од Општина Струмица.

Од друга страна еден родител јавно сподели трогателен момент од разговор со своето дете пред посетата на општината на страната на “Здрава Котлина”, кој ја отсликува свесноста на младите струмичани за животната средина:

„Тато, ние денес од нашиот клас треба да одиме кај градоначалникот во посета… Јас ќе посакам да направи да имаме ЧИСТ воздух и ЧИСТА вода за пиење!“

Оваа скромна, но суштинска желба на еден четвртоодделенец е потсетник дека приоритетите на возрасните треба секогаш да бидат насочени кон создавање здрава иднина за децата.

Извор:
Facebook страна на “Здрава Котлина”
Facebook страна на Петар Јанков