Електрични тротинети – решение или опасност во сообраќајот?

4 мин. читање

Веќе неколку години откако се актуелизираа електричните троринети, тие станаа тренд особено помеѓу помладата популација. За некого тоа е решение и олеснителна околност како да се стигне до работа, продавница, училиште итн., но од друга страна се поставува прашањето, треба ли поголема контрола, ограничувања и казни како и за другите учесници во сообраќајот?

Во последно време сме сведоци на енормно зголемена употреба на електрични тротинети, а особено загрижува фактот што се повеќе и повеќе корисници се млади луѓе кои не наполниле ни 14 години. Од тука се поставува друго прашање, дали родителот кој свесно му купил ел.тротинет на своето дете и практично му пвозможил на детето средство кое се движи со брзина која не е за потценување, треба исто така да биде предмет на санкционирање од надлежните?

Мора да се истакне дека тие се еколошко превозно средство и не загадуваат, но тие би биле безбедни само ако се почитуваат правилата.

Собранието на Северна Македонија, на почетокот на 2020 година за прв пат ги впиша во Закон за безбедност во сообраќајот и ги дефинираше правилата, начинот на возење и казните за несовесните возачи.
Генералниот впечаток е дека многу мал дел од корисниците ги почитуваат или воопшто ги знаат правилата.

Законот за безбедност во сообраќајот го регулира возењето на електрични тротинети. Според него тие треба да се движат на велосипедска патека ако постои и тоа со максимална брзина од 25 км/час, а на пешачка патека или тротоар со максимална брзина од 6км/час. Доколку на преминот нема одбележана патека со црвено, тие треба да се симнат од тротинетот. Казните за непочитување на овие правила се движат од 80 до 120 евра.
„Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст. Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото. Возач на електричен тротинет, за времето додека управува со возилото не смее да води животни“, пишува уште во законот.
Паричните казни за прекршување на овие правила се 50 евра. Инаку законодавецот посочил дека е добро да се носи кацига на глава додека се вози електричен тротинет, а задолжително е кога ќе се смрачи или стемни да се носи рефлектирачки елек, бидејќи во спротивно ќе биде казнет со 50 евра.

Е сега најголемиот дел сме сведоци дека ниту се почитуваат овие правила, ниту пак некој ги санкционира.

Веќе во огромен број на земји се воведоа контроли и правила на користење на ел. тротинети. Последен е примерот кај нашите соседи Албанија каде од овој понеделник 13.10.2025 се воведе, како што истакнаа тие “национална забрана за забрана на движењето на ел. тротинети со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот” Радикалните мерки во оваа земја доаѓаат по загрижувачките бројки на повредени, па дури имало и голем број на смртни случаи кои биле причинати како последица од близу 1000 несреќи кои се случиле само во текот на 2024 година.

Во Македонија немаме официјални бројќи на повредени или загинати лица како последица од несреќа со ел. тротинет, но за жал сме сигурни дека се реалност и ако не се превземе контрола од надлежните, тие ќе бидат неизбежни.