Ден на македонската револуционерна борба

Се започнало кога се собрале Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев на 23 октомври 1893 година во Солун и ја создаваат МРО.

8 мин. читање

Организацијата имала свои идеали кои најдобаро ќе се разберат ако се слушнат директно од луѓето што ги втемелиле и кои ги положија своите животи за нив.

Примарната цел на Организацијата не била присоединување кон некоја од соседните држави, туку извојување на сопствена политичка слобода. Ова било јасно дефинирано уште од самите почетоци.

Првиот претседател на ВМРО, д-р Христо Татарчев, во своите спомени јасно ја дефинира почетната цел:

„Ние се одлучивме да создадеме тајна организација… чија цел, како што беше јасно утврдено, беше автономијата на Македонија… Не можевме да го прифатиме ставот за ‘директно присоединување’ кон Бугарија, бидејќи увидовме дека тоа ќе предизвикаше големи тешкотии и интервенција од соседните држави и големите сили.“

Оваа прагматична, но суштинска цел – автономија – била единствениот пат кон зачувување на целокупноста на Македонија.

Еден од основачите и „моторот“ на Организацијата, Даме Груев, бил дециден во врска со ова:

„Ние немаме потреба од туѓи сили, туку од внатрешно востание. Нашата цел е: автономна Македонија. Нека дојдат потоа Бугарите, Србите или кој било друг, ние сме подготвени да се бориме и со нив за да ја зачуваме нашата независност.“

Буквата „В“ во ВМРО (Внатрешна) е можеби најважниот идеолошки елемент. Револуцијата требало да биде дело на самиот народ, а не подарок од надвор. Гоце Делчев, апостолот на револуцијата, најдобро го сублимира овој став:

„Тоа е патот за ослободувањето. Не со чети од надвор, туку со внатрешно, масовно востание. Внатрешната организација. Таа е нашиот спас. Без неа ниедна надворешна помош не е доволна.“

Оваа верба во сопствените сили ја делел и Јане Сандански, водачот на левицата во ВМРО:

„Македонскиот народ е способен да води самостојна борба, да се бори за својата слобода без да се потпира на туѓа помош. Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна и слободна држава.“

Идеолозите на ВМРО разбирале дека османлиската тиранија ги погодува сите жители на Македонија, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Затоа, борбата не била замислена како етничка, туку како социјална и политичка револуција за слобода на сите.

Ѓорче Петров, еден од главните идеолози, во своите дела пишува:

„Организацијата… има за цел да ги сплоти сите незадоволни елементи во Македонија, без разлика на народност, за да се извојува преку револуција полна политичка автономија.“

Овој идеал најсилно доаѓа до израз во Крушевскиот манифест, чиј автор се верува дека е Никола Карев, претседателот на Крушевската Република. Манифестот е директен повик за соживот и заедничка борба:

„Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници… Ние, децата на оваа земја, ве викаме да дојдете при нас, да ја фрлиме тиранијата, да се ослободиме од ропството, за да можеме да живееме како браќа на оваа земја… Дојдете при нас, браќа муслимани, да ги скршиме синџирите на ропството, да живееме слободно, да работиме заедно и да создадеме подобра иднина!“

За многу дејци, особено за Гоце Делчев, борбата не била само за политичка слобода, туку за културно и социјално издигнување на народот. Тие биле под силно влијание на социјалистичките и просветителските идеи од Европа.

Најпознатиот цитат на Гоце Делчев ја отсликува токму оваа ширина на неговата визија:

„Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите.“

Ова не е изјава на тесноград националист, туку на човек кој верувал дека вистинската победа се постигнува преку образование, култура и напредок.

Јане Сандански исто така јасно ја дефинирал крајната цел, која оди подалеку од пушките и востанијата:

„Нашата борба не е за превласт на еден народ над друг, туку за слободен живот, за економски издигната и културно просветена Македонија!“

Еве и како се менувала организацијата низ годините.

1893 – 1896: Македонска Револуционерна Организација (МРО)

  • Организацијата е основана на 23 октомври 1893 година (стар стил) во Солун од шестмина млади македонски интелектуалци: Д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.
  • Првичната цел, според Уставот, е „придобивање на полна политичка автономија за Македонија“. Името е едноставно и јасно ја дефинира територијата – Македонија.

1896 – 1905: Тајна Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ТМОРО)

  • На Солунскиот конгрес во 1896 година, Организацијата го проширува својот територијален опсег и официјално го вклучува и Одринскиот вилает (регионот на Тракија), каде исто така живеело незадоволно христијанско население.
  • Името е променето за да ја одрази оваа проширена цел – заедничка борба за автономија на Македонија и Одринско. Зборот „Тајна“ се додава за да се нагласи конспиративниот карактер.
  • Под ова име се случува и најголемиот настан во историјата на организацијата – Илинденското востание (1903).

1905 – 1912: Внатрешна Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО)

  • По неуспехот на Илинденското востание, на Рилскиот конгрес во 1905 година доаѓа до редефинирање на целите и методите.
  • Клучната промена во името е додавањето на придавката „Внатрешна“. Ова се прави за Организацијата јасно да се разграничи од „Врховниот Македонско-Одрински Комитет“ (ВМОК) со седиште во Софија, кој се залагал за присоединување на Македонија кон Бугарија (врховизам).
  • Со ова, ВМОРО ја нагласува својата внатрешна природа – дека борбата ја води народот внатре во Македонија и Одринско, а не со чети испратени од надвор.
  • Во овој период се случува и длабок идеолошки раскол (Младотурската револуција, 1908) на лево крило (предводено од Јане Сандански) и десно крило.

1919 – 1934: Внатрешна Македонска Револуционерна Организација (ВМРО)

  • Организацијата се обновува по војната, но сега делува како илегална организација (од Пиринска Македонија) против српската и грчката власт во Вардарска и Егејска Македонија.
  • Клучна промена: Се испушта „Одринско“ (О) од името. Фокусот се враќа исклучиво на Македонија.
  • Ова е ВМРО на Тодор Александров, а подоцна и на Иван (Ванчо) Михајлов. Таа станува позната по своите атентати, киднапирања и силно влијание врз политиката во Бугарија. Нејзината цел, иако официјално сè уште „автономија“, де факто се повеќе се доближува до бугарските национални интереси.
  • Оваа организација е распуштена и забранета по воениот удар во Бугарија на 19 мај 1934 година.

Формално правно организацијата нема наследници иако и во двете држави Македонија и Бугарија постојат политички партии со предзнак ВМРО кои тврдат дека се наследници на организацијата. Во Македонија ВМРО – ДПМНЕ и во Бугарија ВМРО – БНД, кои сепак се само политички партии кои на демократски избори се борат за власт во државите во кои делуваат.