Градоначалникот на Струмица со државна помош во водењето на сопствената фирма

2 мин. читање

По неодамнешните пишувања на Фактор за поврзаноста на бизнисот на новиот градоначалник на Струмица со државна помош, истражувачкиот тим на „Моја Струмица“ дојде до нови, ексклузивни финансиски податоци кои фрлаат ново светло на случајот. Документите до кои дојдовме покажуваат не само еднократна помош, туку континуиран прилив на буџетски средства со симптоматична правилност.

Според увидот во буџетските трансакции, фирмата поврзана со градоначалникот добивала средства директно од Владата преку Програмата Д9. Она што буди сомнеж за поддршката е фактот што сумата е идентична до денар во две различни буџетски години.

Конкретно:

  • Во 2024 година, на сметката на фирмата легнале 628.887 денари.
  • Во 2025 година (тековната година), повторно е исплатен потполно ист износ од 628.887 денари.

Вкупно, за само две години, во овој приватен субјект се влеале 1.257.774 денари (над 20.000 евра) народни пари.

Овие податоци го отвораат прашањето за вистинската економска моќ и независност на новиот татко на градот. Ако станува збор за „средно успешен бизнисмен“, колкав дел од тој успех се должи на реалната пазарна борба, а колкав дел на овие редовни владини инјекции?

Дали фирмата би била ликвидна без овие 20.000 евра? И поважно – дали овој модел на „зависност од централната власт“ ќе се преслика и во начинот на кој ќе се води Општина Струмица?

„Моја Струмица“ ќе продолжи да ги следи тековите на парите, бидејќи буџетот е на граѓаните, а не банка за приватни бизниси на функционери.

Извори:
faktor.mk
open.finance.gov.mk
open.finance.gov.mk листа на сите трансакции од буџетски корисници кон Икарус Дооел Струмица за 2025