Струмица, 25 септември 2025 – Општинската организација на СДСМ Струмица вечерва организира граѓанска трибина посветена на една од најсериозните здравствени закани на денешницата – мозочните удари. Настанот, насловен „МОЗОЧНИ УДАРИ – ризик фактори, симптоми, дијагностика и превенција“, ќе се одржи во малата сала на Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица, со почеток во 19:00 часот.
Целта на трибината е да се подигне свеста кај граѓаните за оваа состојба, да се едуцира јавноста за навремено препознавање на симптомите и ризик факторите, како и да се понудат практични совети за превенција.
Свои стручни излагања на темата ќе имаат истакнатите лекари, д-р Миле Гогов и д-р Лазе Манев, кои ќе ги споделат своите знаења и искуства со присутните.
Како посебен гостин на трибината е најавен претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче. Како неврохирург и поранешен министер за здравство, се очекува тој да даде значаен придонес во дискусијата за справувањето со мозочните удари од медицински и општествен аспект.
Организаторите, ОО СДСМ Струмица, упатуваат отворена покана до сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на настанот, нагласувајќи дека нивното присуство е од особено значење за заедничката борба за подобро јавно здравје. Влезот е слободен.