Сардините се сметаат за ,,суперхрана” бидејќи имаат многу богат нутритивен профил. Еве кои хранливи состојки ги добиваме преку овие мали риби:
- Омега -3 масни киселини. Сардините се едни од најбогатите извори на омега-3 масни киселини. Содржат приближно 1,5 – 2 грама омега-3 на 100 грама. Ова значи дека само една мала конзерва сардини може да ја обезбеди препорачаната дневна доза за повеќето луѓе. Внесувањето доволно омега – 3 масни киселини е од голема важност за целокупното здравје- ги штитат мозокот и срцето и имаат силно антивоспалително дејство.
- Протеини. Сардините се богат извор на протеини- содржат околу 25 г. протеини на 100 г. Не само тоа, туку сардините се сметаат за комплетен протеин, односно протеините од сардините се со целосен аминокиселински профил- ги содржат сите 9 есенцијални аминокиселини во доволни количини.
- Витамин D. Сардината е намирница која природно содржи значителни количини на витамин D, кој е многу важен за имунитетот и коските. Една порција од 100 г. обично покрива 30-60 % од дневната потреба од витамин D. Ова претставува значаен придонес кон дневните потреби, особено во комбинација со други извори како што се останатите масни риби, јајцата, црниот дроб, путерот и секако сончевата светлина.
- Витамин B12. Сардините се извонреден извор на витамин B12. Само една порција сардини покрива многу повеќе од потребната дневна доза на овој витамин. Витаминот B12 е важен за здрава крв (за правилно создавање на црвените крвни клетки), за правилно функционирање на мозокот и нервниот систем и за енергија.
- Калциум. Доколку сардините се јадат со коски, од нив се добива голема количина на калциум. Една порција сардини покрива 30-38% од дневната доза на калциум што му е потребна на организмот за да се одржуваат здрави коски, заби, правилно функционирање на мускулите, нервниот систем и многу други телесни функции за кои е значаен калциумот.
- Селен, јод, железо. Сардините се богат извор на овие три значајни минерали. Селенот делува како антиоксиданс, е важен за функцијата на штитната жлезда и ги поддржува имунолошкиот систем. Јодот (кој во сардините се содржи во умерени количини) е клучен за штитната жлезда, а железото придонесува за создавање на хемоглобин и нормален транспорт на кислород во организмот.
Сето ова ги прави сардините ,,комплетна” или ,,супер” намирница бидејќи се богата со масти, протеини, витамини и минерали.
Дополнителни предности:
- лесно достапна и ефтина намирница; има одличен сооднос цена/хранлива вредност;
- содржи ниско ниво на жива (за разлика од другите поголеми риби);
- може да се јаде конзервирана без значителна загуба на хранливите состојки.