Како го оценувате актуелниот Колективен договор во образованието?
- Колективните договори за основно и средно образование се потпишани во 2008 година и по цели 18 години тие се застарени и не ги задоволуваат потребите во делот на работничките права на просветните работници.
Дали ги штити доволно правата на наставниците и стручните служби?
- Колективните договори за основно и средно образование не содржат доволно одредби кои ги штитат правата на просветните работници, како што е пример во сите останати сфери од јавниот сектор. Само за илустрација, вработените во секторот образование се единствените во споредба со сите останати работници од јавниот сектор на кои работниот ангажман им е директно условен од социјални фактори како што се: бројот на паралелки, бројот на запишани ученици или промената на наставните планови.
Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат наставниците и другите вработени во основното и средното образование?
- Најчест проблем со кој се соочуваат вработените во секторот образование е погазувањето на работничките права, односно непочитувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор, како и на Законот за работните односи. За ова, ние како Независен синдикат за образование и наука (НСОН) имаме покренато и позитивно решено огромен број правни постапки, кои најчесто се однесуваат на трансформација на работниот однос или на неисплатени надоместоци што им следуваат на сите работници.

Дали наставничката професија денес ја има општествената почит што ја заслужува?
- Наставничката професија денес не ужива општествена почит, а тоа е резултат на високиот степен на партизација во образовниот процес, како и на негрижата на државните институции кон правата на просветните работници. Најдобар пример за тоа е постојаното доцнење со исплатата на платите. Односно, во последните 10 години (или 120 месеци), речиси никогаш не се случило платата да биде исплатена навреме, во законски предвидениот рок – до 10-ти во месецот.
Како условите за работа на наставниците влијаат врз квалитетот на образованието што го добиваат учениците?
- Условите за работа директно влијаат врз квалитетот на воспитно-образовниот процес. Нагледните средства, учебниците, како и другите помошни реквизити во образовниот процес помагаат да се постигне повисок квалитет во наставата. За жал, во многу училишта недостигаат соодветни нагледни средства, а нивната застапеност е со различен степен во различни училишта.
Дали постојат механизми за ефикасна заштита на наставниците од притисоци, закани или насилство на работното место?
- Независниот синдикат за образование и наука соработува со високопрофесионални правници и адвокати. Во текот на 8-годишното постоење на синдикатот, имаме добиено над 3.000 правни постапки и над 1.000 тужби за погазување на работничките права. Тоа е јасен показател дека синдикатот има механизми за ефикасна заштита на работничките права на секој работник кој ќе пријави нивно прекршување.

Како ја оценувате материјалната положба на наставниците во споредба со значењето и одговорноста што ја имаат во општеството?
- Почетната плата на наставниците е длабоко под републичкиот просек. Нашиот труд е недостоинствено вреднуван, а со тоа имаме и слаба материјална положба во споредба со одговорноста што ја имаме во општеството – да ги воспитуваме и образуваме идните генерации и да помогнеме тие да се формираат во здрави и корисни поединци.
Што е потребно да се направи за младите луѓе повторно да ја препознаат наставничката професија како привлечен кариерен избор?
- Наставничката професија ќе стане повторно атрактивна за младите луѓе откако ќе успееме да го департизираме секторот образование, односно да го сведеме на минимум влијанието на центрите на политичка моќ во воспитно-образовниот процес. Воедно, потребно е да обезбедиме достоинствено вреднување на трудот на сите просветни работници, со почетна плата која нема да биде пониска од републичкиот просек.
Дали вработените во образованието имаат доволно можности за професионален развој и напредување?
- Професионалниот развој во секторот образование е ограничен и неправеден. Тој не овозможува кариерен развој на повеќе лица од една работна организација, а дополнително ги принудува поново вработените да чекаат одреден колега да замине во пензија за да им се овозможи правото на кариерно напредување. Како Независен синдикат за образование и наука имаме многу забелешки на пропишаниот начин, како и на начинот на кој се спроведува кариерниот развој, и имаме за цел да издејствуваме праведно решение кое ќе овозможи еднакви можности за сите просветни работници.
Колку е важно почитувањето на Колективниот договор за создавање мотивирани и задоволни наставници?
- Почитувањето на колективните договори и нивната целосна имплементација е најважното прашање за создавање здрава работна средина, која со сигурност би донела подобри резултати. Непочитувањето на колективните договори во делот на пресметката на платите – односно фактот што најниската плата за најнискиот степен на сложеност (основицата) е длабоко под минималната плата – создава огромен револт кај голем број просветни работници, а тоа директно влијае и врз квалитетот на воспитно-образовниот процес.

Каква е врската помеѓу заштитата на правата на наставниците и квалитетот на наставата што ја добиваат учениците?
- Со сигурност можеме да потврдиме коефициентот на успешност е поголем, односно дека воспитно-образовниот процес е многу поквалитетен во оние училишта каде што сме успеале да создадеме здрава синдикална свест и каде што сме ги едуцирале колегите за нивните работнички права.
Како може да се изгради подобро партнерство меѓу учениците, наставниците, родителите и институциите?
- Партнерство помеѓу учениците, наставниците, родителите и институциите може да се изгради исклучиво со заемна почит и строго почитување на законските прописи.
Може ли да има квалитетно образование без достоинствени услови за работа, соодветна заштита и почитување на правата на наставниците и вработените во образованието?
- Квалитетно образование без достоинствено вреднување на трудот и без почитување на работничките права (односно целосно почитување на колективните договори) не е возможно. Токму поради тоа, вложуваме силни напори да обезбедиме достоинствено вреднување на трудот и пристојни работнички права, бидејќи тие се клучни за создавање квалитетен образовен систем.