Кога Кристофер Нолан се зафаќа со Хомер, очекувањата по автоматизам се огромни. По Oppenheimer, многумина очекуваа уште едно ремек-дело, филм што ќе ја редефинира античката епика на ист начин како што неговите претходни дела ги редефинираа научната фантастика или биографскиот филм.
Наместо тоа, The Odyssey е нешто помалку грандиозно, но можеби и поинтересно: солиден, амбициозен и интелигентен филм кој не успева секогаш да ги достигне сопствените височини, но успева да понуди свеж и современ прочит на еден од највлијателните митови во европската културна традиција.
Најголемата заслуга на Нолан е што не се обидува едноставно да ја илустрира Одисеја. Наместо верна екранизација, добиваме интерпретација. Како што во Oppenheimer го интересираше моралната цена на научниот триумф, така и овде го интересира моралниот товар на херојството. Неговиот Одисеј не е само легендарен патник што сака да се врати дома, овде тој е човек прогонуван од сопствената победа. Тројанскиот коњ, наместо симбол на генијалност, станува симбол на вина. Падот на Троја не е славна победа, туку траума што го следи херојот низ целото патување.

Токму во овој аспект филмот е најуспешен. Нолан го актуелизира Хомер без да го банализира. Наместо да бара современи паралели по секоја цена, тој ги извлекува прашањата што отсекогаш биле присутни во митот: што се случува кога ќе ја добиеш војната? Колку вреди победата ако зад себе оставаш уништени градови и мртви луѓе? Може ли човек навистина да се врати дома по сè што видел и направил?
Но, таму каде што филмот добива тематска длабочина, понекогаш губи драмска сила. Нолановата опсесија со структурата повторно е присутна и повторно не секогаш работи во негова корист. Нелинеарното раскажување создава интересни паралели меѓу различните периоди од животот на Одисеј, но истовремено ја фрагментира емоционалната линија на приказната. Наместо постепено да го чувствуваме заморот и очајот на неговото патување, често добиваме впечаток дека сме преместувани од една идеја на друга.
Исто така, дел од споредните ликови остануваат недоволно развиени, па ако не сте го читале Хомер нема да ги фатите деталите. Тоа е можеби неизбежна последица кога се адаптира дело со толку огромен број епизоди, но сепак остава чувство дека некои важни фигури служат повеќе како симболи отколку како целосно оформени личности.
Сепак, филмот најмногу добива кога ги користи митолошките елементи како филозофски алегории. Киклопот, Кирка, сирените и Калипсо не се само фантастични епизоди, туку различни облици на искушение. Заборавот, моќта, желбата, бесмртноста, одговорноста, секој дел од патувањето отвора прашања што ја надминуваат античката приказна и стануваат релевантни за современиот гледач.
Во таа смисла, The Odyssey функционира како филм што не бара само да се следи, туку и да се промислува. Можеби затоа и покрај своите недостатоци филмот останува вреден. Не е ремек-дело, нема чувство дека гледаме дело што ќе го промени медиумот или ќе стане нова референтна точка во кариерата на Нолан, но тоа не значи дека е неуспех. Напротив, станува збор за зрел и промислен филм кој покажува автор што и понатаму е подготвен да ризикува и да ги преиспитува големите митови.

Клучното прашање кај The Odyssey не е дали Одисеј ќе се врати дома. Тоа го знаеме уште пред да започне филмот. Прашањето што го поставува Нолан е многу понепријатно: дали човекот што се враќа е истиот човек што заминал? И дали воопшто постои враќање кога еднаш ќе ја видиш цената на сопствените победи?
Вредноста на оваа нова интерпретација лежи токму кај овие прашања кои нудат интелигентен и современ разговор со Хомер, кој и по речиси три милениуми сè уште има што да ни каже.