Танкица Митрева – советник во Советот на Општина Струмица

(Разговорот го водеше Јане Кујумџиев)

13 мин. читање

Најпрво ви благодариме што ја прифативте поканата на „Моја Струмица“ за ова интервју. Ова е ваш втор мандат како советник во Советот на општината. После подолг период во советот сте опозиција, со осум советници. Каква е според вас разликата кога сте советник од владеачка позиција, а каква од опозициска?

  • Разликата е прилично голема, пред сè во можноста да влијаете директно врз планирање и реализацијата на политики. Кога сте дел од власта и мнозинството, располагате со повеќе алатки за носење одлуки и за директно учество во развој на општината во пракса, а не само на хартија. Потоа, најголемиот предизвик е да ги исполните очекувањата на граѓаните и граѓанките.

Во опозиција, улогата е поинаква, но не помалку важна. Тука сте коректив — треба да следите, да анализирате, да реагирате кога нешто не оди во добра насока и да предложите подобри решенија. Реално, тоа бара исто толку сериозност, затоа што немате извршна моќ, но имате одговорност кон граѓаните да бидете нивен глас во Советот.

Нашиот пристап е да не бидеме опозиција „по инерција“. Ако нешто е добро за градот, ќе го поддржиме. Ако нешто не е добро, ќе го кажеме јасно, но со аргументи. На нашите сограѓани им е доста од политички инает, сакат резултати.

Делата не се мерат по тоа дали сте власт или опозиција, туку по тоа колку сте корисни за граѓаните.

Дали добрите идеи за градот може да се предлагаат пред владеачкото мнозинство без тие да наидат на отфрлање по некаков автоматизам? Како ја оценувате досегашната работа на вашата советничка група во Советот?

  • Би сакала да верувам дека може, затоа што градот не е ничија приватна сопственост. Добра идеја е добра идеја, без разлика од која партија доаѓа. За жал, кај нас често политиката знае да биде повеќе натпревар на суети отколку натпревар на идеи.

Во идеален политички систем, секоја добра идеја треба да помине, без разлика од која страна доаѓа. Општината не е натпревар каде што треба да се победи политичкиот противник, туку простор каде што треба да се најде најдоброто решение.

Во пракса, понекогаш, да не речам најчесто, политиката знае да стави „знак за припадност“ на идеите, па наместо да се гледа суштината, се гледа кој ја предложил. Тоа, според мене, е нешто што ги забавува работите и ги оддалечува од реалните потреби на граѓаните.

Што се однесува до нашата советничка група, сметам дека работиме активно и доследно. Можеби не секогаш сме најгласни, но се трудиме да бидеме прецизни и аргументирани. Учествуваме во дебати, поставуваме прашања, реагираме кога има проблеми и даваме предлози што се реални и изводливи, не само политички звучни. За жал, најчесто сме игнорирани.

Сметам дека добрата идеја треба да биде прифатена без разлика на тоа кој ја предложил, за доброто на општината.

Тежат ли како товар грешките од минатото на вашата партија (на групи и поединци), и како се справувате со тој притисок кој ви го наметнува владеачката партија во Советот на општината?

  • Секако дека луѓето паметат и добри и лоши работи. И нормално е граѓаните да бидат критични. Но, мислам дека најлошо е кога политичарите се однесуваат како никогаш да не згрешиле. Секоја партија што била долго на власт имала и успеси и грешки.

Како и секоја личност, така и ние како партија понекогаш сме правеле грешки. Но, најважно е дали сме научиле нешто од тоа. Мислам дека научивме. Ние денес треба да покажеме со работа, со однос и со нов пристап дека сме подготвени да бидеме подобри.

Граѓаните и граѓанките се многу попаметни отколку што понекогаш политичарите мислат. Тие паметат, споредуваат и многу добро знаат да оценат кој што направил и како се однесува во моментот.

Што се однесува пак до политичкиот притисок, тоа е дел од работата. Во Советот секогаш има различни ставови, понекогаш и остри дебати. Но, ние се трудиме да не влегуваме во лични конфликти или во политички препукувања кои не носат ништо добро.

Одговараме со став, со аргументи и со работа. Најдобар одговор на политички напад не е контранапад, туку доследност и конкретни предлози.

Минатото сигурно не може да се избрише, но иднината се гради со дела, не со изговори и враќање во минатото.

Зошто се добива впечаток дека сте тивки по однос на некои горчливи прашања кои ги засегаат граѓаните? Што е со еколошките проблеми, аерозагадувањето во текот на зимскиот период, дивите депонии околу градот и справувањето со комуналниот отпад?

  • Можеби затоа што граѓаните очекуваат погласна реакција, и искрено тоа е легитимна забелешка. Луѓето сакаат да видат енергија, став и борба за теми што ги мачат секој ден.

А еколошките проблеми навистина се сериозни. Не може секоја зима да зборуваме за загадување, а ништо суштински да не се менува. Дивите депонии, отпадот, нечистотијата… Тоа не се мали теми, тоа е прашање на здравје и квалитет на живот.

Тука треба многу повеќе работа, помалку ПР и повеќе конкретни акции.

Тоа прашање е фер и го разбирам тој впечаток кај дел од граѓаните. Кога луѓето имаат реален проблем, како загадување, диви депонии или отпад, сакаат да видат реакција веднаш и постојано.

Еколошките проблеми не се теми што се решаваат со една изјава или една седница. Тоа се системски проблеми што се таложат со години и бараат континуирана работа, план и координација.

Ние сме укажувале на тие состојби, но се согласувам дека како советничка група мора да бидеме уште поупорни и погласни. Особено, кога станува збор за аерозагадувањето во зимскиот период, дивите депонии околу градот и управувањето со отпадот, тоа се работи што директно влијаат на здравјето на граѓаните.Тука нема простор за политичко надмудрување. Потребни се конкретни мерки, поголема контрола и сериозна стратегија. За ваков проблем потребно е сите заедно да работиме во изнаоѓање на решение, без разлика на партиската припадност.

Ако воздухот и градот се валкани, ниедна политика не може да се нарече чиста.

Што мислите дали се доволно застапени жените во политичкиот живот во Струмица? Дали се променува сликата од минатото кога политиката беше резервирана за мажите?

  • Сликата денес е подобра од минатото, тоа е факт. Жените се многу повеќе присутни, поактивни и повидливи во политиката, благодарение на квотите. Тоа претставува напредок, но потребно е да се работи на понатамошно создавање услови, охрабрување и поттикнување на жените за вклучување во политичкиот живот. Меѓутоа, кога станува збор за застапеноста на жените, не е доволно само бројката да биде исполнета. Многу е важно жените и реално да учествуваат во донесувањето на одлуките и нивниот став да биде подеднакво вреднуван. На пример, да имаме жена градоначалничка, потоа претседателка на Советот, да има жени претседателки и членки во советите на месните и урбаните заедници. Само како илустрација, од вкупно 25 месни и урбани заедници, само во една урбана заедница имаме жена претседателка, а дури 90% од членовите на советите се мажи.

Исто така, од исклучителна важност е жените да бидат вклучени во севкупниот општествен живот, а не само во партиите. Тоа значи тие да бидат вклучени во консултации за развој на општинските политики, да бидат слушнати нивните потреби за да може локалните полиитки да одговараат на потребите и на жените и на мажите. А што се случува сега кај нас? Жените не само што не се консултирани, туку и средствата од еден милион денари од Програмата за еднакви можности на жените и мажите со ребаланост на буџетот се укинати и пренаменти за нови вработувања во општината. Со вакви политики не можеме да зборуваме за реално учество на жените и за унапредување на нивниот квалитет на живот.

Во Струмица има многу способни жени кои можат да придонесат многу повеќе. Прашањето е само дали политичкиот систем им дава доволно простор и поддршка да се истакнат.

Општество е зрело тогаш кога женскиот глас не е исклучок, туку правило.

Кој е начинот на комуникација со граѓаните? Во предизборието обично се практикува личен контакт, дали таа пракса останува и кога сте советници? Имате ли отворени денови или простор каде граѓаните можат да разговараат со советниците од вашата група?

  • Ако политичарите се гледаат со граѓаните и граѓанките само пред избори, тогаш нешто сериозно не е во ред. Луѓето сакаат некој да ги слушне и кога нема кампања.

Потребно е да бидеме порписутни меѓу нив, затоа што најреалната слика за нивните и потребите за развој на општината не се добива од седење во штаб, туку преку разговор со луѓето на улица, во маало, во кафуле, на пазар. Ако сме писутни само пред избори, тогаш ја промашуваме и суштината на нашара работа и постоење. Директните средби, теренските посети, разговори во секојдневни ситуации, но и преку современи канали на комуникација, морат да бидат основата на една советничка група.

И да, таа комуникација треба да биде поотворена и поорганизирана во иднина.

Ако не ги слушаме граѓаните и граѓанките секојдневно, тогаш сигурно ќе ги слушнеме предоцна.

На секоја општина за нејзино ефикасно функционирање во едно демократско општество, потребна е силна и консолидирана опозиција. Дали сметате дека сте на висина на задачата и дали може повеќе?

  • Мислам дека сме активна, стабилна и коректна опозиција, но секогаш може повеќе. И ние сме свесни дека граѓаните и граѓанкитев очекуваат уште поголема енергија, поголема борбеност и поголема видливост и секако поголем притисок кога има проблеми што не се решаваат.

Најлесно е само да критикувате. Потешко е да понудите решение и да останете конструктивни. Ние практикуваме токму ваков пристап критика кога треба, но и поддршка кога нешто е добро. Како советничка група не бегаме од таа одговорност. Не е целта само да се биде против, туку да се биде корисен. Тоа значи да се укаже, да се предложи и да се инсистира на решенија. И токму во тој правец треба да се движиме понатаму.

Силна опозиција не е таа што најмногу вика, туку таа што најмногу помага да се смени нешто. Некогаш да и да се крене гласот, се со цел да бидеме слушнати за да се постигне целта.

Дали има нешто кое ние го пропуштивме, а вие сакате да го потенцирате во овој разговор?

  • Мислам дека на луѓето им е преку глава од празни политички фрази. Јавноста денес многу лесно препознава кој зборува искрено, а кој само глуми загриженост.

На крајот, луѓето не ги интересира кој колку прес конференции одржал. Ги интересира дали градот е почист, дали улиците се средени, дали училиштата се дел од образовниот систем како што треба, дали младите остануваат тука и дали живеат подобро. Дали општината им нуди подобар и повалитетен живот. Тоа се вистинските прашања.

Да не заборавиме дека граѓаните и граѓанките денес многу јасно разликуваат политика од реалност. Не ги интересира кој што изјавил, туку што се променило во нивниот секојдневен живот.

И, најважно е политиката да се врати токму таму: помалку зборови, повеќе работа и повеќе резултати што се гледаат на терен.

Политичките партии треба да работат за луѓето, а не само за рејтинг.