Струмица и Скопје утре со блокирани улици заради протести

10.02.2026 ден за протест во повеќе градови во Македонија со различна причина

2 мин. читање

Во организација на граѓанското здружение „Здрава Котлина“ утре од 13:00 до 15:30 часот ќе биде блокиран кружениот тек кај зградата на Македонски Пошти. Како што најавуваат од здружението тие објавуваат отворена борба против сите загадувачи кои профитираат на сметка на нашите бели дробови. Честа пракса е индустриските капацитети да работат без соодветните филтри и за тоа Струмица е еден од градовите со најголемо аерозагадување, проблем на сите граѓани. Од здружението најавуваат и радикализирање на протестите со блокирање на индустриските капацитети доколку продолжи истата пракса. Исто така посочуваат дека тие се спремни за војна со сите загадувачи и дека е крајно време народот да одбере страна во таа војна!

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) утре, со почеток во 9:00 часот, ќе организира протест и блокада пред Собранието на Република Македонија. Блокадата ќе ги опфати крстосниците кај улиците „11-ти Октомври“ и „Даме Груев“. Од ССМ порачуваат дека трпението на работниците е при крај додека пратениците „молчат“ за работничките маки, а истовремено уживаат во енормно зголемени плати и привилегии. Од ССМ испорачаа три клучни барања:

  • Итно зголемување на минималната плата на 600 евра.
  • Линеарно зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.
  • Намалување на функционерските плати.

Извори:
Facebook страна на „Здрава Котлина“
Facebook страна на ССМ