Ајде да ја дораскрадеме државата

3 мин. читање

Дали знаете дека постојат семејства во кои сите членови се на државна плата? Со што толку ја задолжиле државата, па таа да мора вака да им враќа? Тоа се најчесто семејства на раководители на одредени институции кои ја злоупотребуваат својата позиција на моќ: „Ајде ти вработи ми ја жената, па јас ќе ти помогнам за нешто друго.“ Ова е класично крадење на државата. Ајде тогаш сите да влеземе на државна плата, па да видиме од каде ќе се полни буџетот!

Дали знаете дека има луѓе кои земаат по две или три плати од државата? Тоа се најчесто оние кои биле силно ангажирани во предизборните кампањи за одредена политичка партија, а за државата вообичаено немаат направено ништо позитивно. Тие се првите што гласно кажуваат што не чини во општеството, додека самите создаваат раздор меѓу народот.

Дали знаете дека се вработуваат луѓе со несоодветно образование или без образование? Тие прават ненадоместлива штета — тие се мрзливци кои паразитираат на нефункционалноста на системот. Заради еден таков, голем број млади ја напуштаат државата — и тоа токму оние кои со љубов го завршиле образованието и со мерак би ја работеле својата професија. Овие некомпетентните обично се брачни партнери на луѓето од првиот пасус, или пак на некој што е подготвен да изговори или напише најгнасни лаги само за да ѝ се допадне на партијата што му го вработила партнерот.

Дали знаете дека постојат фирми кои се „најпогодни“ за добивање на сите тендери? Е, тоа е вистинскиот грабеж на државата. И за жал, ова никогаш нема да престане. Нема да престане затоа што тие фирми се главните донатори на партиите, а потоа глумат филантропија и ги хранат оние што претходно самите ги оставиле без леб.

Сето ова е полна антитеза на зборовите на владиката Николај Охридски од неговото дело „Не ја кради државата“:

„Замисли си што би се случило сите да одат по твојот пример; сите да почнат да ја крадат својата држава? Земјата на витезите и мачениците би се претворила во јама на глувци! И праведниот БОГ, кој гледа по земјата и бара луѓе, ќе ја одземе земјата од глувците и ќе им ја даде на луѓе, на странци од блиску и од далеку.

Или, како што пишува владиката Партениј во предговорот на истото дело:

„Целата историја на човештвото покажува дека причините за губењето на власта, достоинството и државата на еден народ се наоѓаат во неговата морална ерозија и газењето на Законот Божји.