Сликарот – проповедник

13 мин. читање

Во 1879 година, младиот свештеник Винсент ван Гог доброволно се населува како мисионер и проповедник во едно од најсиромашните места во Европа, Боринаж. Таму се наоѓал озлогласениот рудник за јаглен и населбата формирана од фамилиите кои работеле во рудникот. На десетина километри од Брисел, во либералната Европска цивилизација, постоело место каде во длабоките рударски јами, до еден километар под земја, понекогаш и по шеснаесет часа дневно, работеле не само рударите, туку и дванаесет годишни деца, жители на проколнатата рударска област. Таму Винсент лично го доживеал и за прв пат очи во очи го видел пеколот на земјата. Црн пекол. Јагленосан. Ги запознал одблиску најстрадалните луѓе на земјата. Според биографот на Ван Гог, Ирвинг Стоун, тие сите биле болни од белодробни болести, а кога кашлале, искашлувале некоја чудна смеса на крв помешана со јаглена прашина.

Смртта во рудникот била секојдневие. Условите за работа, незамисливи. Животот евтин, според берзата на капиталот. Единствената храна која ја користеле локалните жители била компирот. Зимите снемувало и компир, се разболувал плодот, па гладот бил втората причина за големата смртност на Боринажците. Кога Винсент пристигнал во селото, ги собрал жителите во дрвената црква на служба. Повеќето од нив негодувале, го гледале со иронија и цинизам, со страв и недоверие. –Што бара овде? Кој може нас да ни помогне? Со книга? Со проповед? – Контрастот на новодојденецот-странец и измачените жители бил преголем. 

– Зошто ни држиш тука служба? – го прашале. – Не живееме ние овде, тука доаѓаме само да преспиеме. Таму долу, во јамите ние живееме!

Винсент сакал да им го доближи Христос на овие луѓе и да ги спаси од земниот глад со духовна храна. Жесток и ревносен по карактер, човек без способност за конформизам и вродена детска искреност, тој веднаш се идентификува со рударските фамилии и бргу се преобразува во еден од жителите. Станува сожител по дух и по крв. Носел искинати алишта, а лицето си го мачкал со прав од јаглен, за да наликува на останатите. Имотот кој му бил даден од црквата, целосно го раздава за потребите на една несреќна фамилија, со болни деца. Самиот спиел на камен под, а јадел само сув леб и пиел ладно кафе кое мириса на јаглен. Од целиот багаж, останал само со библијата. Кога го посетил брат му Тео, заклучил дека неговиот брат за неколку месеци остарел десет години. 

„Царството Божјо нема да дојде со фанфари, Царството Божјо е меѓу вас. Синот Божји не дојде за да го служат, туку за да служи. Блажени се сиромашните, блажени се оние чие срце е чисто“. – проповедал Винсент ван Гог во дрвената црква, во студените ноќи. Како да ја доближи радоста на Царството небесно пред овие измачени души кои талкаат низ јамите на земниот пекол?!

Но, и самиот доживува криза на верата. Се разболува. После една тешка несреќа во рудникот, каде загинале седумнаесет луѓе, меѓу кои и пет деца, ја губи целосната вера во „светската хармонија“ и доживува нервен слом. Постои ли спас за овој паднат свет? Зар не е целата планета една отворена рударска јама во која страдаат изнемоштените, слабите и гладните?! Зошто постои толку страдање на земјата?! Потресот од таа агонија ќе ископа голема дупка во неговата душа и тело, доволна длабока за да се засадат длабоките корења на уметноста, која допрва ќе се вишнее како чемпрес кон небото на ѕвездената ноќ.

„Многумина од рударите се испиени и бледи од треска, изгледаат уморно и истоштено, поцрнети во лицата и остарени предвреме… Околу јагленокопот пак, се наоѓаат мизерни рударски куќарки, неколку мртви дрвја поцрнети од чад, жива ограда од капини, купишта ѓубре и пепел, цели планини од отпаден јаглен.“ – напишал Винсент во писмото до братот Тео, за состојбата на местото. Оттогаш, па до крајот на својот маченички живот, тие двајцата ќе водат долга, речиси секојдневна преписка, еден вид исповед, која со време ќе стане учебник и лектира за илјадници сликари ширум светот. Исповедите на Ван Гог се колекција од проповеди сочувани преку писма. Тео е единствениот негов читател, познавач, љубител, колекционер и колекционер на делата. До самата смрт. Винсент во наредните десет години ќе твори и слика за својот брат. Нивниот братовен однос е доказ за тоа дека е доволен само еден човек, само една сродна душа за да се исполни нашата мисија пред светот, нашето претставување. Ќе умрат за кратко, еден по друг. Помладиот, Тео ќе почине 1891 год. шест месеци после смртта на постариот брат Винсент. На само триесет и четири години. Буквално од тага по братот.

Кога еден ден, ненадејно пристигнала инспекција од надзорот на црквата преку која Винсент е испратен на мисијата, младиот проповедник бил казнет заради недолична облека и живот во мизерија и нечистотија. -Па вие ја валкате нашата репутација! Веднаш да го напуштите местото, добивате отказ, засекогаш! – Комисијата го разрешува од свештеничкиот чин, со писмено објаснување дека свештеникот полудел. Ќе се потсети на зборовите на Исус Христос „Однадвор сте убави како варосани гробови, а внатре гнилеж и смрдеа!“ 

Но, Винсент и по оваа несреќна случка и фатално недоразбирање и разминување со надлежните, останува во Боринаж. Овојпат како сликар. Отсега целосно му се предава на сликарството. Жестоко, пророчко и експресивно сликарство кое ќе држи проповед за Боженствената светлина и убавина! 

Почнал со цртежи со јаглен. Сите дела од раниот период наликуваат на автентичноста на пејзажот и опкружувањето на местото. Ги портретира измачените лица, гладните фамилии покрај огништето, првите композиции на луѓе кои јадат компир и се борат со суровиот студ и гладот. Тоа се цртежи потопени со емпатија, со милост и сострадание. Црни како и местото, суви како и лицата, тажни како и рударите. Но, и покрај сè, во првата фаза на Винсентовата уметност, зрачи сонцето (иако сè уште потиснато од сивилото на небото). Тука е она сонце кое блеснува од смислата на човечкиот живот, од неговата смиреност со судбината и Бог. Сонцето на човечката милосрдност. Фигурите на рударите се како претстави на Праведниот Јов, претстави на пророците кои се борат со демоните на светот и судбината. Како христијански маченици. Првиот критичар на Ван Гог, пречесниот свештеник Питерсен, кажал во една прилика: – „Ништо во овие цртежи не е точно, анатомијата е изместена, композицијата нејасна, би рекле, младиот сликар не го поседува талентот за уметност…но сепак, досега во мојот живот не сретнав уметник кој толку живо ги претставил и доловил сиромашните рудари, старците, жените кои носат вреќи со компири на грбот“.

Винсент ван Гог е сликарот на Вистината. Овој христијански свештеник, вљубеник во Божјата убавина, целиот живот трага по вистинскиот идентитет кој ќе го доближи до Христос. Трагач по својата неземна татковина, онаа која ќе наликува на градината од Царството Небесно. Но, патот почнува од Голгота, од ридовите на Боринаж по кои се искачуваат жените на рударите со товарот на плеќите. Јамите по кои се симнуваат нивните мажи и деца. Овие сцени никогаш нема да се избришат од неговото срце. Пред смртта, во болницата, ќе се наврати на некои од тие сцени и ќе ги наслика како сеќавање на раните творечки денови од престојот во рударската област. 

Сите ги знаеме сончогледите, чемпресите, златните полиња и перуниките. Ги знаеме неговите перфектни дела. Но, никој не пишува за почетоците. Секој го одбира крајот. Темната страна на човечкиот живот е помалку позната. Онаа сенка што го тера човек да застане на работ помеѓу доброто и злото, на амбисот помеѓу верата и пропаста. На ножот од сомнежот и надежта. Боринаж е неговата Гетсиманска градина. Многу малку недостигало да пропадне засекогаш во бездните на рударските окна. И во оние бездни на повредената душа. Многу малку за да го претвори својот талент во прашина. Винсент ја одбира Светлината. И ја размножува со својот дар.

Една голема мистерија и зла неправда, после сто години ќе биде дефинитивно исправена со доказите проучени и презентирани во филмот на Џулијан Шнабел „Пред портите на Вечноста“. Историската неправда направена од еден брз полициски извештај утрото, 29 јули 1890 година. Во извештајот стои дека Винсент извршил самоубиство. Зар е возможно човекот кој ги наслика „Сончогледите“ да изврши самоубиство? Зар е возможен таков крај за сликарот кој ги сликаше само сонцето и светлината! Извештајот и потврдата за смртта се толку брзи и аматерски, што никој не проверил дека прострелната рана во стомакот, под срцето, доаѓа од голема косина, од речиси невозможна ситуација за себепрострелување. Крајот на големиот сликар е апсурден, но којзнае, можеби и во тоа има некоја длабока скриена смисла. Смислата на птичјата перспектива. Тој ден Винсент како и вообичаено излегол рано, пред изгрејсонце, во потрага по совршениот пејзаж, низ полињата на Овер. Ги слика златните полиња со гаврани кои полетуваат кон небото. Во близина на местото каде што го наместил штафелајот за сликање, група млади момчиња пукале со пиштол во одредена мета, од забава. Еден од истрелите завршува кобно во телото на Винсент. Овие го молеле да не ги пријави. Го проколнувале. Пиштолот го закопале во земја. Винсент крварејќи, бавно се вратил во куќата каде престојувал. Молчел за причините на раната. Секој од затекнатите претпоставил дека се работи за обид за самоубиство. Винсент сакал да ги заштити младите непознати луѓе. Тука неговиот живот ќе згасне во неподносливи болки, бавно крварејќи, сокривајќи ја во себе засекогаш, тајната на неговото убиство. 

Во едно од последните дела ја слика  црквата во малиот град Овер. Малата црква е целата накривена, како да и пркоси на гравитацијата. Како да сака да се одлепи од земјата по секоја цена, ја губи статиката и се вознесува кон висините. Конечно се преобразува во небесен храм. Итљ црквата кон модрото индиго небо! Контурите на цртежот ја губат секоја статика. И за оваа слика пречесниот Петерсен сигурно би рекол дека е несмасна и неточно направена. Но, кој од сликарите успеал толку возбудливо, толку убедливо да наслика една црква? 

Сликарот Винсент ван Гог, за последен пат се потсетил на домот божји, на свештеникот Винсент, на домот во кој најде најмногу мир, но и ревност Божја. Онаа ревност која му даде сила да ги издржи сите искушенија и страдања. Да се заблагодари на Бог за сите убавини кои ги виде во прекраткиот живот. Да им се заблагодари на сите луѓе кои го сакаа и мразеа, кои го благословија и проколнаа. Винсент, Боготражител, како сончоглед кој секогаш се врти на страната на сонцето. Остави светлина во темниот свет за уште еден милениум. 

Затоа што вистинската уметност е светлина и благодарење.

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе