Визијата за ,,Исар” наспроти ,,Цареви Кули”

2 мин. читање

Тврдината Исар во Штип ќе се реконструира, проектот е веќе започнат со тендер и подготовки, а финансирањето доаѓа од државни средства обезбедени преку унгарскиот кредит, во вредност од околу 1,6 милиони евра.

Станува збор за обнова на Акрополот, ѕидините и кулите.
Проектот предвидува реставрација на три кули, надѕидување над старите ѕидови и поврзување со бедеми високи околу 4 метри.
Планирано е и уредување на пристапот до локацијата, осветлување на тврдината и нови патеки. Исарот ќе се претвори во вистинска туристичка атракција за градот Штип.

Следи прашањето: Ќе бидат ли некогаш реконструирани Кулите над Струмица?!
Проектот за изградба на Царевите кули е во прекини со години. Секој нов почеток е од нула.
Имаше делумни реконструкции пред една деценија, но местото е со години напуштено и запуштено.
Проектите беа фрагментирани и непостојани, немаше континуирано финансирање на целосно заокружување на замислата од дигиталната 3Д визија.
Често се менуваше и концептот на комплексот – дали да биде автентична парцијална реставрација или туристичка реконструкција со која ќе се обликуваат тврдините како визура над градот.

Прашањето е дали постои една заедничка визија и консензус на Општината и Музејот како и сите засегнати институции околу изградбата на кулите над Струмица?

И додека Исар во Штип е пред целосна реализација затоа што има политичка и финансиска одлука и визија за реална конструкција, Цареви Кули стојат затоа што се нема волја и консензус како да се заврши долгогодишниот сон на струмичани.