Сенката на Гоја

25 мин. читање
Франциско Гоја - Лудницата

Создавајќи нè, Бог ни зборува на секој од нас
потоа, тивко во ноќта, заминува со нас.

Рајнер Марија Рилке

Пробивајќи се низ магливите улици на Милано, зимата 2023 година, на еден пресек помеѓу три калдрмисани улици недалеку од катедралата,видов плакат на кој стоеше слика од Гоја со неговиот впечатлив потпис зголемен и залепен врз речиси половина од репродукцијата на сликата. Изложба на Франциско Гоја! И тоа – чудо!Изложбата е збирка од последните темни слики на сликарот, кога тој е повлечен и глув, затворен во едно ќоше на работ од светот. Времето кога ги прави мрачните ремек-дела што веќе двесте години ги оставаат сликарите и ликовните вљубеници без здив. Се разбира, веднаш се упатив кон галеријата, иако моето присуство во Милано таа зима беше од сосема други причини.

Не може човек да се соочи со Франциско Гоја, а да не помисли на чудесниот и магичен есеј „Разговори со Гоја“ на Иво Андриќ. Кога како средношколец го читав четивото мислам дека ми ја запечати судбината за мојата определба и тематска преокупација во магичните лавиринти на ликовната уметност. По толку години, во вашарот на предновогодишниот расположен град, украсен со кич логоа и плакати на неокапиталистичкиот поредок, со рекламните паноа на ултраскапите брендови по кои трчаат снобовите од целиот свет, инспириран токму од есејот на југословенскиот писател, очекував да го сретнам него, стариот шпански мајстор, седнат на некоја маса со дланка испружена некаде напред во празнината. Со лице збрчкано под сенката на големиот шешир. Со чадот од цигарата и некој чуден медитерански тутун кој му ги смирува напнатите живци. Со распарталените и широки панталони, извалкани од масло и терпентин, закрпена кошула, тој целиот стрчи во метежот од перфектно облечени минувачи кои брзаат покрај бутиците на централниот дел од градот. Се загледувам во раката. Тоа е дланка на која се изрежани и изгравирани сите страдања на овој свет. Линиите на таа дланка се вистински роман за некоја жена која знае да ги чита мапите на судбината. Како и во писанието на Андриќ, така и во мојата имагинација, за миг осетив дека целиот овој свет со сите негови украси и градби, со сите вештачки творби и целото лажно устројство се само еден балон надуен од некаква чудна пена која само за миг може да биде претворена во ништо. Како детска игра или како некаков краток денски сон, некаков кошмарен сон кој се повторува во недоглед…Како циркус во предградие кој се пакува и заминува некаде, засекогаш.

Пред да се обидам да зборувам за сликите на Гоја изложени во галеријата, сакам да потсетам дека, како и во секое големо творечко дело така и во опусот на овој голем шпански зограф е озаконета универзалната човечка потрага по смислата на постоењето и оставањето траги, како резултат на откритијата кои се појавуваат при таа потрага. Во свет каде сè се брише полесно од отпечатоците во песокта, да бидеш сликар е Сизифовска определба. („Затоа што сè е суета и мака на духот“–вели проповедникот од Стариот завет). Но е и голем феномен на истрајноста. На неколку дланки насликани во една пештера 30 000 години пред нашата ера, каде прасликарите го втиснале ехото на својот крик врз студените карпи во бездните на планините, во длабочините на заборавот и тоа до ден денешен одекнува во времето правејќи лавини низ историјата на уметноста. Тие дланки ги надживејаа сите епохи на постоењето останувајќи неподвижни во каменот како некакви скаменети фосили на немирот.

Франциско Гоја – Сабат

Сликите се поврзани со потрагата на човекот кон другото Јас, она Јас секогаш скриено од сенката на секојдневието, со својата неоткриена суштина. Слики во кои архетипските знаци стануваат суштински елементи на битието, и сè друго е само подготовка за нив.

Во последните слики на Гоја, егзистенцијалната празнина од допирот со темниот ѕид кој се изградил на меѓата помеѓу човечките желби и можностите, човечкото познание за слободата и бесконечното ропство, е еднаква на онтолошката исполнетост од разделбите. Смртта како феномен на средбите, животот како феномен на испраќањето.

Првата слика на изложбата е познатиот „Колос“. Еден морничав титан јуриша низ полето и поминува преку малите луѓе како мравки, газејќи ги стресени од моќта на судбината. Јуриша низ кревките тела некаков непознат монструм и светот е на работ да исчезне, да престане да постои, од некаков удар да се оддели од ројот планети и ѕвезди и да се струполи негде долу во бездната на Вселената. Во вечната ноќ на Универзумот.

Франциско Гоја – Колос

За таа темнина пишуваше Достоевски. Тој го постави прашањето – дали ако на човек му покажеш дека е оставен да седи опкружен со милиони светлосни години темнина, тој ќе тргне да ја бара некаде светлината, иако е толку малечок и беспомошен? Мала светлинка како пламен од обична свеќа или чкорче во една толкава темнина која не може да биде измерена. Таква е светлината во сликите на Франциско Гоја. Таа се појавува некаде на крајот на патот. Како свеќа која трепка во некоја мрачна пештера.

Во композицискиот приказ на формите во сликите на Гоја, големиот простор кој ги обвиткува телата создава значајна драма во која секое осветлено битие е изложено на осаменост. Не како во стихијните пејзажи на Каспар Давид Фридрих замрзнати од студот на северот со константна затемнетост и наоблаченост, туку како медитеранска сенка која паѓа во летен врел ден во кој сонцето пече и наеднаш од никаде – некаде станува во сред бел ден – мрак. Таква е темнината кај Гоја. Како гром од ведро небо, како темни облаци кои прекриваат сонце кое препечува, пред целосно да се сокрие под тоталното затемнување на небото. Толку се осамени и издвоени портретите на Гоја од опкружувањето. Тие се повеќе како патници низ времето отколку ликови, луѓе со имиња кои живееле некогаш, некаде во некоја специфична костимографија на друштвото.

Што ако навистина го сретнам сликарот пред да влезам во галеријата, пред да ја видам неговата изложба? Како да му објаснам што е тоа изложба? Што е тоа кураторски проект?Што би значело тоа за еден мајстор, сликар од минатото време? Што можам да го прашам јас, залутан турист во потрага по чистокрвна уметност во едно рамнодушно и нетворечко невреме?!

Гоја не е од оние сликари кај кои целокупниот опус е поминат со патината на темните пигменти. Како на пример Рембрант. Или Франсис Бејкон. Не. Сликарството на Франциско изобилува со многу светли, дури во одреден период пресветли колористички, кичести решенија. Посебно во времето кога тој „тезгари“во служба на царската фамилија и нејзините попатни полтрони за кои своевремено, да се има портрет насликан од кралски сликар е голем престиж во општеството.Темнината во неговото сликарство не произлегува од маниристички естетски стил. Кај Гоја речиси како и кај Моцарт, светлиот период е засечен со остар пресек од сечилото на затемнетата судбина, преминувајќи во неизмерни мрачни длабочини и делејќи го животот на два дела. Од најсветло до најтемно, од спокојство до тотално лудило и помраченост на умот. Rex tremendae кај композиторот, кај сликарот станува „Сатурн кој ги јаде своите деца“.

Франциско Гоја – Сатурн ги јаде своите деца

Од нежните женски портрети, заруменети образи на девојките, фамилијарните идилични пасторални сцени во кои благородниците уживаат во топлото сонце, од насмеаните машки лица и извештачени како кукли тела на љубовниците, музичарите со гитари и тапани, карневалите и уличните маскенбали, романтичните улични сцени… до лудницата и салите на инквизицијата, телата обесени на стеблата, подземните затвори во кои ги судат луѓето на смрт заради богохулни помисли. До фантасмагоричните визии за ECCE HOMO, понижени и навредени, мелници на човечкото битие. Распарчени тела расфрлени низ пејзажот. Кралица која се преобразува во стара вештерка, злобна и порочна. Денес можеби нема црковна инквизиција која ги осудува луѓето на клада и затвор во темници, но има една општа игнорантност и занемареност на умните и напредни луѓе што ги осудува да лежат во затворот на заборавот. Денешната инквизиција е во служба на рамнодушието.

Почнуваат да се редат портретите во темната и строга галерија.

„Има една посебно тешка задача во сликањето портрет, една голема мака на уметникот, а тоа е да го издвои ликот од сè што наоколу го опкружува, да го изолира од светот“ – така зборуваше Гоја на средбата со Андриќ.

Во портретите најтажни се очите на луѓето кои чекаат. Гоја како да сака да ми каже – „кога сликате портрет на еден човек, треба да го доловите денот кога се родил, а и да го пророчите денот кога ќе умре“.

Тоа е длабочината и мајсторијата на сликањето портрети. Од безбројните портрети кои мајсторот ќе ги наслика во текот на својот бурен творечки живот, вниманието ми го привлече еден, по димензија мал, портрет на кој е претставен човек од народот, можеби просјак, можеби дури и лудак или уличен будала кој со огромна раширена уста се смее, хистерично се исмева, се кикоти или којзнае што веќе прави? Како да ја разбрал конечно бедата на сето човештво на сите идеали и стремежи, тој се смее во трескавично лудило и не може да престане. Неговиот заразен лудачки смев одекнува во галеријата. Тоа е оној смев кој доаѓа по невидена трагедија, смев од бол, од пукнатини кои не можат да се зашијат. Таа лудачка насмевка како да ни кажува – погледнете се во огледалото, ние сме нормални, вие надвор во нормалниот свет – сите сте ненормални…

Франциско Гоја – Портрет на човекот кој се смее

Процесијата за Свети Исидор Мадридски која ќе ја наслика на ѕидовите во „куќата на глувиот“ силно потсетува на „Посмртниот марш“ од третата симфонија на Бетовен. Во темнината на полето се простира долга, речиси недогледна, колона од поклонители кои се качуваат кон врвот на ридот. Но, тука, на врвот една група од речиси гротескни фигури и ликови се стуткани еден до друг како во некаков ужасен страв од нешто што надоаѓа, од крајот на светот. Како да ја чекаат апокалипсата. Главниот лик со искривено лице свири гитара. Бетовен оглуве 1815 година, Гоја оглуве 1792 година. На четириесет и пет годишна возраст и двајцата беа целосно глуви.

Повлечени и огорчени од светот, судбината ги осудила да не слушнат веќе ништо од овој свет. Да живеат во тишина.

Во галеријата е темно и глуво. Ѕидовите се темнозелени, на некои места дури и сиви кон црно. Ме вчудовидува мајсторијата на маслената техника, потегот на четката толку брз и груб, а толку прецизен и строг. Овде е тажниот и меланхоличен автопортрет на мајсторот од 1815, со подигнати веѓи и очи кои длабоко се загледуваат во огледалото. Всушност, секој автопортрет пред да погледне во гледачот е долго, долго созерцуван во огледалото кое стоело пред сликарот и штафелајот. Автопортретот е врвниот чин на себеспознанието. Сликите на оваа изложба се самоспознание на еден човек. Откритие кое се случило во одразот на едно огледало, понекогаш заматено од тежината на времето, понекогаш напукнато од притисокот на нетрпеливоста и маката на свесноста дека ќе бидеме заборавени, можеби засекогаш. Овие, како и сите значајни дела на сликарската уметност се видени во огледало. За да бидат запаметени. Секоја уметност е крик предизвикан од ужасот на заборавот. Суштината на ова кристално јасно сликарство се состои токму во нејасноста на огледалото да ги запамети нашите ликови. Ги бележеше брчките на своето лице и така ги броеше деновите кои му се чинеа долги како векови.

Но што се годините во однос на мапата на Вечноста која ја носиме втисната во нашата судбина, како претежок багаж, како жиг врз кожата, како исткаена пајажина која нè гуши, како Сизифов камен, понекогаш неиздржлив во еден ваков стрмен, несовршен и недовршен свет? По секој значаен и потресен настан во својот живот, Рембрант ван Ријн сликал по еден автопортрет. Гоја уште млад се наслика себеси како сениште во групната кралска гротеска. Разликата уште тогаш е јасно видлива помеѓу него и друштвото во кое е осуден да постои. Автопортретите секогаш беа и ќе бидат најинтимните, најдлабоките и најскриените творби на уметниците. Микеланџело во огромниот „Страшен суд“ се наслика себеси во ликот на одраната кожа, во фигурата на маченикот Св. Апостол Вартоломеј. Ел Греко често се сликал себеси инкогнито, претставен во лицата на светителите. Некои сликари немале можност за модели, па биле принудени да ги истражуваат само сопствените лица. Автопортретот е како монодрамата во театарот. Тука си сам. Ти и сите кои постојат во тебе. Само ти и оној кој гледа од тебе, во тебе… Автопортретот никогаш не е опседнатост со своето лице, туку потрага по себе, па дури и автоиронија, критика на себеси.

Францико Гоја – Автопортрет

Над секое успешно творештво се клати една голема катастрофа на неуспехот. Затоа што убавите дела не се раѓаат по рецепт, а за најуспешните творби не постои формула. А дури и некогаш да постоела или да постои –какво би било тоа дело створено според координатите на точна и прецизна математичка формула?! Постои ли пат, по кој пресметано се стигнува до спасението? И како поинаку би било нешто откриено и создадено, освен под неподносливиот притисок на неуспешната реализација? Со секој потег врз платното одиме или кон длабокиот амбис, или кон откровение. Не постои средина. Гоја итал забрзано кон својата провалија. Искушувајќи го „Успиениот разум кој создава чудовишта“. Не постои голема уметност однапред формулирана да успее. Големиот творец го јаде сомнеж, иако двигателот на неговата генијалност која преместува планини е верата. Постои некоја чудна и никогаш докрај разјаснета трагедија во животите на уметниците. Кај сите големи творци заеднички е сомнежот во она што тие го создаваат. Нескладност со светот. Тој сомнеж не се однесува првенствено кон дарот кој го поседуваат, бидејќи тие се длабоко свесни за својот повик и талент.

Сомнежот е секогаш во реализацијата. Црвот лежи во она кое може да изгние и да се распадне. Значи, во делата. Кои се границите за едно супериорно презентирање и материјализирање на духовното творештво во уметничко дело?! Каде е лимитот и полнотијата, кои се границите на совршенството и дали постои во овој свет нешто кое може целосно да биде совршено, па макар и да е тоа Петтата симфонија на Бетовен?

Долго стоев пред сликата „Лудница“. Милош Форман сигурно ја имал предвид додека ја работел почетната сцена во „Амадеус“, сцената кога Салиери е удобно сместен во лудницата. Не е случајно што подоцна ќе го режира „Сенките на Гоја“ каде на најжесток начин ќе ги претстави ужасите на Инквизицијата и судирот на уметникот со режимот. Сликата „Лудница“ е композиција во која како да се собрани сите градоначалници и политичари, сите министри и владетели, сите суети од овој свет на едно место. И некој им кажал – сега играјте се себеси! Тоа е сцената на која тие ќе ги покажат своите амбиции. Некој наредува, некој вреска како пред војска, некој се дере и бара нешто невозможно… Некој станал крал, некој шут, некој е премиер, некој владика.Тие се сите амбициозни медиокритети болни по слава. Лудилото во времето на Гоја не било разграничено со ѕидови, впрочем како и денес, лудилото беснее таму каде што најмалку би поверувал човек. За да се наслика толку верно дело, сликарот морал одблизу да ја осети и проучи атмосферата на темата. Наспроти монументалната слика „Кралското семејство“ ја поставил „Лудницата“. Кои се разликите, а кои сличностите во овие две композиции. И во двете дела имаме крал со круна, монарх, имаме генерал напрчен како петел и претрупан со ордени. Таков бил светот во кој живеел Гоја. Полуден и полн со ужаси. (Всушност како и секое време и сета историја која е откината од Вечноста.) Кладите со грешници гореле по плоштадите,секојдневно беселе луѓе и сето тоа станало еден дел од фолклорот, таа традиција на мачење – постојана забава за публиката и „верниците“. Инквизиторот паралелно со зголемувањето на виновниците и грешните, станувал постојано сомничав за исправноста и безгрешноста на луѓето. Дали ќе остане еден праведен? Темната инквизиторска Шпанија наликувала на сликите од апокалипсата. Кладите не можеле да го загреат студот на изгубените души кои смрзнуваат. Се додавал огрев кој уште повеќе го подгревал пеколот, не прочистувајќи го гревот. Гоја нема да го наслика Големиот инквизитор како што претходно го насликал Ел Греко, но до крајот на животот ќе ги слика жртвите и сеништата на неговите амбиции.

Надворешната совршеност на формата во границите на овој свет, без експресивниот пробив и вознес, е карактеристика на античкиот поглед во ликовниот свет. Неокласичарите на 18 и 19 век овој идеал го доведоа до границите на кичот. Класичната замрзната убавина во делата на оние кои трагале по совршенството на формата, е нешто како совршен антички храм со каријатиди од бел мермер. Тој е прекрасен однадвор, светнат во убавината на материјалот, прецизен и луциден до граници на чудо…но тој се повторува во недоглед и се губи себеси во бесконечното кристализирање. Таа форма се самозамрзнува. Таму нема изненадување. Ја нема експресијата на несовршеното, трагата на уметникот со сите свои недоследности. Ги нема топлите дамки на креативната крв. Сликарот сака да ја разбие таа монотонија на „совршенството“. Академистичкиот манир на класицизмот е како варосан бел гроб… Гоја црта и слика според ритамот и пулсот на срцето. Во големата уметност има секогаш некоја недовршеност, непретенциозност, неперфекционистичност, не докрај изречени нешта. Големите дела се довршуваат во срцето на човекот. Таква е неговата уметност.

Во самракот се собираат чудни фигури изобличени од ноќта и злото кое ора по светот. Ноќта на вештерките е во полн ек. Во средина на насобраната толпа, седи црно суштество со глава на овен. Двајца селани со искривени лица од гнев и ужас се тепаат до бесвест со стапови. По дрвјата висат искасапени тела… Во куќата во Бордо, Гоја по цели ноќи трескавично слика на ѕидовите, со широк шешир полн свеќи и восок кој се топи и слева преку ноќната кошула. Сокриен е од светот. Куќата на стравот е како „Куќата на Ашерови“ од приказните на Алан По. Сеништа стојат пред ѕидовите, на прозорците тропаат ноќни створенија, од стаклата продира неподнослива бура и сликарот е приморан да ги заѕида. Видено е сето лицемерие и мрак на овој свет и време е сето тоа да се наслика. Време е да му се даде форма на кошмарот кој продолжува да трае по соништата. Бодлер напиша дека сликите на Гоја се „кошмари преполни со непознати грозотии“. Дали се тоа халуцинантни визии на еден пророк вознемирен од падот на светот, кој решил да ги запечати, на ѕидовите од својот дом, трагите од проколнатата судбина? Како и колегите сликари, десетици илјадници години пред него, дали и тој ги фрескописал стравовите на човештвото во темните и длабоки пештери? Нели се тоа истите крвави дланки втиснати во студените ѕидови на осаменоста и очајот?

Сликарството ја буди љубовта на луѓето кон заборавените нешта. Можеби и најблагородната работа на уметноста е токму тоа– да нè потсети на убавината која некогаш сме ја живееле. Но и сега е покрај нас, тука е некаде, само што стуткана по рабовите на секојдневието, сме ја загубиле и заборавиле помеѓу другите нешта од овој досаден свет. Можеме со таква страст да го љубиме само она кое можеме и да го загубиме. Да забележиш нешто убаво пред да исчезне, некој запис, цртеж, неколку дамки боја на хартија, масло на платното, било што, она кое ќе те потсети еден ден на мигот кој упорно не сакаш да го заборавиш. Тоа е уметноста. Бележник на исчезнувањето.

„Затоа сите наши идеи го носат чудниот и трагичен карактер на предмети спасени од бродолом. Тие ги носат на себе и знаците на заборавениот друг свет од кој некогаш заминале, катастрофата која ги довела тука и постојаните залудни напори да се прилагодат на новиот свет во кои се исфрлени. Затоа што тие се во постојана борба и судир со тој нов свет во кој се нашле, противречен на нивната суштина. И тие се во постојана преобразба и прилагодливост на него. Оттаму секоја голема и благородна мисла е странец и патник. Оттаму таа незбежна тага и песимизам во уметноста…“

Во квечерината на ноќта, Гоја му го кажа ова на писателот. И исчезна како фатаморгана. Како никогаш да не постоел. Останаа само сликите во оваа темна галерија во Милано, низ која шетам како изгубен странец, пред да исчезнам, засекогаш.


(текстот е напишан за списанието за литература „Стремеж“)

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе