Личеноски се смета за еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија. Тој е еден од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж (“Бачила”, “Долап”, “Афионски полиња”, “Охридски рибари”), во кој внесува и фоклорни елементи. Слика мртва природа и портрети, а создава и мозаици. За сликарството на Личеноски е специфичен македонски амбиент (на пример, афионски полиња), а неговата преокупација во сликите е човекот во моментот на некоја работна активност, на пример, претстави на рибари, бачила, дрвосечачи.
Лазар Личеноски спаѓа во првата група современи македонски ликовни уметници. Заедно со Димитар Пандилов – Аврамовски и со Никола Мартиноски го означува почетокот на современата ликовна уметност во Македонија.
Личеноски во 1925 година дипломирал на Уметничката школа на Наставничкиот отсек, во класата на професорите Бета Вукановиќ, Љуба Ивановиќ, Петар Добровиќ во Белград, Србија. Потоа во 1927 година го завршил Академскиот курс во класата на Милан Миловановиќ, исто така во Белград, каде живеел до 1945 година, а потоа се преселил во Скопје.
Од 1927-29 година, по добивањето на стипендија престојувал во Париз, Франција, каде специјализирар ѕидни техники во атељето на сликарот фрескист Марсел Леноар и кај професорот Пол Бодуен во Школата за применета уметност, Академија Гран Шомие и атељето на Андре Лот.
Од Париз, во Македонија ги носи влијанијата на париската ликовна школа со што се отвора патот на современото македонско сликарство.
Од 1945-64 година работел како професор во Уметничкото училиште во Скопје. Бил професор и директор на училиштето за применета уметност во Скопје, дописен член на САНУ итн.
Денеска, Средното уметничко училиште во Скопје го носи неговото име.
Во февруари 2015 година, куќата на Личеноски, која се наоѓа во подножјето на Скопското кале, станува државна сопственост и е доделена на Националната галерија.
Извор:
– Национална галерија