На денешен ден во 1873 година е роден Михаил (Мише) Развигоров, истакнат македонски револуционер, штипски војвода и деец на МРО. Поради неговата посветеност и заштитата на народот, останал запаметен и како „Овчеполски кнез“.
Мише Развигоров е роден во Штип во еснафско семејство, кое дало доста револуционери, меѓу кои и неговите браќа Александар и Емануел (Мане). Мише завршил 5ти клас во Солунската бугарска машка гимназија и 3ти клас во Ќустендилското педагошко училиште во 1896 година. Во Ќустендилското училиште учествувал во формирањето на ,,Младежко македонско дружество“ во 1893 година. Бил исклучен поради ученички бунт и го завршил средното образование во Педагошкото училиште во Казанлак.
Во 1895 година се вратил во родниот град и работел како учител. Истата година станал член на ВМОРО. Кон крајот на 1897 година, откако властите ја откриле „Виничката афера“, тој бил уапсен. За да ги спаси своите соборци, ја презел целата одговорност врз себе, како последица на тоа, бил осуден на доживотен затвор во Подрум Кале во Мала Азија. Во август 1902 година бил амнестиран. Се преселил во Ќустендил, каде што ја презел должноста раководител на граничниот пункт.
Тој учествувал во подготовките за Илинденско востание во 1903 година. Од 1904 година, дејствувал како војвода (водач на вооружена чета) за Штипскиот реон. Во септември 1904 година, тој и неговата чета учествувале во т.н. „Кокошински масакр“, при што казниле осуммина „србомани“ (поддржувачи на српската кауза) во селото Кокошиње (Кумановско).
Во 1905 година, Развигоров учествувал како делегат на Скопскиот окружен конгрес и на Рилскиот конгрес на ВМОРО, а во 1906 година бил избран за член на Скопскиот окружен комитет на ВОМРО. Во еден период, во неговата чета се приклучил и Тодор Александров, идниот водач на ВМРО во својство на секретар.


Според Ефрем Чучков, во 1907 година, Мише Развигоров бил предаден од Марко Секулички. Во близина на Штип, неговата чета била опколена од турски војски. По долготрајна борба, да не падне во рацете на османлиските сили, Развигоров си го одзел животот во куќа која била запалена од непријателот, на 3 април 1907 година.
На 28 март 1917 година, тричлената комисија од Штип составена од: претседателот (градоначалник) Тодор Станков и членовите Т. Станчев и Д. Савев, заедно со окружниот управител Тодор Павлов, претседателот на Окружната постојана комисија Тодор Пенушлиев, градскиот командант, директорот на гимназијата и архирејскиот намесник, одлучиле на 1 април да одржат помен (панихида) на гробот на Развигоров, а улицата каде што се наоѓала неговата семејна куќа да го добие неговото име.
Според истражувањата на одредени историчари, постојат сериозни индиции и претпоставки дека македонскиот револуционер и војвода Мише Развигоров бил масон. Главниот доказ кој ја поткрепува оваа теза се наоѓа на неговиот гроб. На надгробната плоча на Развигоров се јасно видливи и врежани класичните масонски обележја и симболи: шестар и триаголник, чекан, череп и вкрстени коски. Денеска надгорбната плоча се наоѓа во ,,Музејот на дејците на ВМРО од Штип и Штипско“ во штипско Ново Село.


1 април 1917 година

Поради овие симболи, истражувачите на масонеријата во Македонија, меѓу кој и Филип Петровски посочуваат дека, Развигоров најверојатно припаѓал на слободните ѕидари, што во тоа време не било реткост меѓу пообразованите македонски интелектуалци и револуционери кои патувале, се школувале или соработувале со ложи во соседството и пошироко во Европа.
Извори:
– web страна filippetrovski.mk
– Wikipedia – Мише Развигоров