Образованието и кичот

7 мин. читање

Кичот е сеприсутен во современиот свет. Нема место и начин од кои не се појавува, а ние го ,,вдишуваме” секојдневно, во големи дози. Кичот навлегува во нашите животи како загаден воздух. Не постои медиум од кој не сме загрозени и зависни, не постои место од каде не се пројавува, понекогаш затскриен зад „модерна естетика“. Кичот не доаѓа само од комерцијалните места и евтините средини. Тој напаѓа неочекувано од високите кругови на општеството. Дури и во институциите од културата од кои природно се очекува да бидат вистински застапници на вредноста и критериумите на уметноста, кичот често се појавува и зрачи со својот сладок сјај.

Не треба да се лажеме за поврзаноста на кичот и незнаењето. Образованието, вистинското образование кое почива на вредности е вакцина за појачување на интелектуалниот имунитет на личноста и одбрана од невкусот и кичот. Кичот тешко продира во организмот на добро образована личност. Формалното образование денеска најчесто се потпира на принципите на програми. Имаме програма зададена од „министерство“ која се исполнува преку образовниот кадар. Таа повеќе или помалку допира до ученикот, студентот… но, порано (денес сè помалку) наспроти формалната програма постоеја кадри на учители и професори кои со својот личен интегритет, опит, искуство и знаење го образуваа младото население паралелно од зададените правила на формалното учење. Професорот беше пример, столб, врвен критериум на вредносните системи. Ова го спомнуваме во контекст на запрепастувачка плима на кичуозно однесување и конзумација кај формално високо образовани личности.

Образованието од училиштето и факултетите продолжуваше и дома, преку супер квалитетните медиуми кои пренесуваа програма од култура. Врвна литература стоеше по домовите на нашите родители. Квалитетна музика емитуваа државните и приватните радио и музички програми. Денеска за книгите има сѐ помалку место во нашите домови дизајнирани во квази минималистички ентериери. За сликите исто така, тие се заменети со евтини тапети и принтани репродукции од интернет. Поважен од едно уметничко дело станува глетуваниот ѕид со некои евтини трикови во готово офарбан малтер и структура на палмино дрво со златен пигмент…Човештвото се враќа на фаза од голите пештерски ѕидови пред првите уметници да насликаат нешто на нив. Дваесет илјади години назад.

Ако низ историјата богатите класи беа образовани и ги стимулираа вредносните системи во културата поддржувајќи талентирани уметници, денеска токму тие слоеви на забрзено збогатената буржоазија, која немаше време да се образува ниту со формално, ниту со суштинско знаење, го стимулира и плаќа кичот и шундот. Турбофолкот во музиката и дигиталниот и мануелен копи – пејст кич во ликовната уметност се финансирани од необразованите „елити“ на нашето општество.

Добриот вкус за квалитетна уметност и конзумација на авторско творештво доаѓа од силни и искристализирани образовни процеси. Професор во средно училиште кој образува ликовно воспитување, а самиот креира, презентира и стимулира кич, е голема опасност за иднината на општеството. Професор по музичко образование кој образува генерации со музичка култура, а самиот продуцира и стимулира „тезгарошка“ турбо фолк култура, тој е исто така опасност за вредносните системи на општеството.

Кичот како и секогаш во историјата е финансиран пред сѐ од буржоазијата, во социјализмот од средната класа. Денес се финансира од брзо збогатените среднокласни бизнисмени кои немале време и можност да се образуваат. Со нивната арогантна куповна моќ и вкус, кичот се шири брзо како зараза. 

На прв поглед, образувани уметници би можеле да го насетат кичот и инфекцијата во едно уметничко дело. Но, тоа многу лесно поминува и се маскира на пазарот во форма на ,,совршен продукт”. Најчесто овие продукти се обвиткани со скапи луксузни рамки, агресивна реклама или фотографско/принтерски реализам. Блескави билборди кои емитуваат ниски страсти, пластични тела, реклами на кладилници како репер за музички и спортски настани. Стендапи со евтин хумор ги запоседнуваат нашите храмови на театарот. Нешто што во минатото било наменето само за кабареа и кафеани, денеска се нуди како културен производ.

Градовите пак, ни ги дизајнираат неписмени архитекти со ограничено искуство и одговорност. Материјалот кој се нуди на пазарот станува главниот елемент на новите згради и домови, на фасадите од новокомпонираните објекти.

Како да осетиме на прв поглед дека во еден визуелен производ нема ликовни вредности?

Уметниците со години се посветени на философијата на својата уметност. Некои од нив потрошуваат време кое се мери со децении за да постигнат совршенство на одредена тема. Кичот дава брзи производи. Сè е само налик на она што треба да биде. Само релаксација на окото, предмет кој треба да нѐ расположи. Би помислиле дека таквите производи се наивни феномени на капиталистичкиот потрошувачки поредок, но не е само така. Кичуозните производи се мака за духот и енергетски зрачат тежина и зараза за визуелниот аспект на животот. Просториите преполни со кич се како добро сервирана храна во луксузни сервиси, но затровена и скиселена. Младите кои се развиваат во такви средини, имаат пречки во развојот на критичкото мислење и естетското поимање на светот. Дополнителна опасност демне од ВИ техниките кои даваат брзи и евтини ,,ликовни” решенија на зададената задача и тема. Вештачката интелегенција во сојуз со ликовната неписменост создава една нова кич генерација која е нестрплива за сериозни и квалитетни ликовни решенија, а е несвесна за резултатот од инстант триковите на дигиталната креативност.

Уметниците кои кокетираат со кичот, се во постојана грижа дека нивното дело нема да биде прифатено и разбрано од публиката. 

Главниот критериум и цел на уметникот треба да биде сопственото спознание и креативност, пред сѐ разбирање на уметничкиот чин како херојски и бунтовен естетски и етички акт, а потоа признанието, наплаќање на трудот пред јавноста и светот.

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе