Општина Босилово изминативе денови започна со реализација на активности за делумна обнова и приспособување на патеките во Моноспитовското Мочуриште. Оваа интервенција на локалната самоуправа доаѓа како одговор на сериозните оштетувања на инфраструктурата во овој препознатлив природен локалитет.
Од општината појаснуваат дека поради пожарот кој го зафати мочуриштето минатата година, но и поради дотраеност од времето, дел од патеките се целосно уништени и изгорени, додека останатиот дел е несоодветен, небезбеден и непристапен за користење од страна на посетителите.
Тековните градежни активности се насочени кон итна санација за да се овозможи привремен безбеден пристап, но во исто време, Општина Босилово интензивно работи и на нов голем проект. Целта на овој проект е обезбедување финансиски средства за комплетна замена, обнова и надградба на патеките, како и на посматрачниците во мочуриштето, со што овој редок еко-систем трајно ќе го врати својот туристички потенцијал и сјај.