18 мај – Меѓународен ден на музеите

2 мин. читање

Меѓународниот ден на музеите ја нагласува нивната улога како независни чувари на колективната меморија и културниот идентитет. Тие не се само неми сведоци на минатото, туку живи едукативни центри кои мора да ја задржат својата професионална автономија и да останат имуни на дневнополитичките притисоци или влијанијата на моќни групи кои се обидуваат да ја инструментализираат историјата. Овој ден нè потсетува дека музеите мора да опстојат како слободни столбови на научната вистина, кои поттикнуваат критичко размислување и го поврзуваат минатото со иднината на едно свесно општество.

По повод денешниот ден од НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица најавуваат дека влезот ќе биде бесплатен за посетителите на постојаната музејска поставка, Спомен – домот на култура „Благој Јанков Мучето“ и Староградската куќа – Стара турска пошта во Струмица и истите ќе бидат отворени за посетители во периодот од 08:00 до 18:00 часот.

Националниот археолошки музеј вечерва, со почеток во 19:00 часот, организира уникатен настан под насловот „Музеите обединуваат поделен свет“, кој спојува мода и вековна историја. Посетителите ќе имаат прилика да ја проследат инклузивната модна ревија „Модата во минатото“, инспирирана од културното наследство низ вековите, но и да присуствуваат на свеченото повторно отворање на постојаната Нумизматичка збирка, која преку 2.500 монети раскажува приказни долги повеќе од два и пол милениуми, од VI век пр.н.е. до XX век. Настанот е отворен за сите кои сакаат заедно да ја прослават моќта на музеите како мостови што поврзуваат времиња, култури и генерации.

Извори:
Facebook страна на НУ Завод за заштита на сппомениците на културата и музеј – Струмица
Facebook настан Музеите обединуваат поделен свет