Микеланџело – Влегов момче, излегов старец

4 мин. читање

Во 1507 година, Микеланџело Буонароти не сака да го живописа сводот на Сикстинската капела во Рим. 

Тој себеси се смета за скулптор и сакал животот да го потроши во клесањето мермерни блокови. За разлика од Леонардо, тој не се гледал себеси како фрескосликар.

Уценет од папата Јулие 2 (,,ако сакаш некогаш да продолжиш со гробницата од мермер, мора најпрвин да го декорираш сводот во моја слава”) тој морал да започне со работата во капелата и најпрвин проектирал огромни титански фигури во монументална композиција која била составена од фигурите на апостолите.

На половина од работата, Микеланџело бил разочаран од трудот. Со недели талкал низ улиците без да знае како да продолжи понатаму. Еден ден седејќи во некоја римска крчма, пробал од виното да ја изгасне маката и му се пожалил на крчмарот дека виното е кисело. Крчмарот се изнервирал и викнал: – ако е кисело нека истече! – ги скршил бурињата со виното пуштајќи го да истече по камената калдрма. 

Од тој миг Микеланџело знаел што да направи. Се вратил во капелата и со калфите го ископале ѕидот уништувајќи ги сликите со апостолите. ,,Ако е кисело нека истече на земјата!” 

Јануари 1508 година, почнува титанска борба со ѕидот сликајќи го во наредните четири години ,,Постанокот на светот” со повеќе од 300 човечки фигури, поголемиот дел со димензии од преку пет метри фигура. 

Пет неуморни години работел, робувал лежејќи на грб, со свиткан врат, болки во рацете, вар и пигмент што му капеле во очите. Варта се сушела премногу брзо, а грешките не можеле да се избришат. Секоја грешка значела почеток одново во подготовките на ѕидот. Се соочува со суровата фреско техника. Сам си создава натчовечка работа за нешто кое требало да се заврши како декорација во неколку месеци труд. Осаменоста станала негов постојан придружник, изолиран високо над капелата, отсечен од светот, на импровизирано дрвено скеле, далеку од луѓето, далеку од разговори и пофалби.

Живеел како аскет. Спиел малку, јадел лошо и пишувал горчливи песни опишувајќи го својот искривен ‘рбет како харфа од која свири траорна музика. Видот почнал да го губи од варта која капела во очите. Смрзнувал во студените зимски ноќи на скелето под Ватиканскиот таван. Но, полека, од таванот се појавиле фигурите. Мускулести пророци, титани, тажни сибили, потопи и катаклизми и огромна слика за создавањето на битието. Адам го подава прстот кон животот. Бог го допира со божествена сила. Човештвото се појавува уште еднаш, во фреските на проколнатиот сликар, кревко, тивко, но и моќно како бура.

Сводот на Микеланџело е запалена свеќа во мракот на светот. 

Секој дел од целината го одразува верувањето на Микеланџело дека човечкото битие е света архитектура. 

Кога скелето конечно го срушиле во 1512 година, Рим застанал молкум во запрепастена тишина. Она што започнало како неволна послушност, станува едно од најголемите достигнувања во човековата креативност. Илјадници години после муралите во праисториските пештери. Таванот на Микеланџело не е само ремек-дело на човечкиот гениј, туку и запис за Сизифовската издржливост на човекот. Мака и страдање претворени во убавина.

,,Влегов момче, излегов старец” запиша Микеланџело денот кога ја заврши фреската.

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе