Вечер со почеток од 19:00 часот во Центарот за култура Антон Панов-Струмица ќе биде отворена самостојна изложба на скулптури насловена како ,,Крик во просторот” од ликовниот уметник Синиша Новески. Рецензент на изложбата е д-р Коста Милков кој ќе се обрати по повод претставувањето на најновите дела на авторот.
Синиша Новески е роден на 6 септември 1978 година. Тој наградуван академски скулптор и едукатор со повеќе од 20 скулптури во јавни простори во Македонија, Србија, Бугарија и САД. Изложувал дела на 26 самостојни и повеќе од 45 групни изложби и учествувал на повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми. Наградуван е со повеќе награди. Активен член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопјe во 2002 година под менторство на професорот Васил Василев како најдобар студент по вајарство, Новески работел две години како асистент на еминентните скулптори како Томе Серафимовски, Драган Попоски-Дада и Никола Смилков.
Магистерските студии ги завршил на Одделот за скулптура на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2011 година под менторство на професорот Жарко Башески.
Во рецензијата за оваа изложба, Коста Милков ќе запише:
,,Живееме во прекрасен свет и живееме во пеплосан свет. Нема роден човек на Земјата кој светот околу себе не го искусил во овие две крајности. Ова е свет облеан во светлина и распослан со бои, исполнет со милозвучни мелодии и опојни ароми, зачинет со примамливи вкусови и благопријатни допири. Но, ова е и свет на смог и на сивило, какофоничен и септичен, блуткав и трнлив. Овој свет е изобилен и брутален.
Пред нас како луѓе е исправен предизвикот на животот во овој и во ваков свет. Академскиот скулптор Синиша Новески го става ваквиот предизвик како водечка тема во овој опус на дела. За ова сведочат скулптурите и нивните имиња.”
Во Струмица, Синиша Новески има поставено две јавни скулптури, Спомен скулптура на петте струмички студенти во Мал парк, реализирана во мермер и бронзена биста на Цар Самоил во Големиот градски парк.