Според договорот (види извори) од јавната набавка станува збор за конзервација и реставрација на црквата св. Кирил и Методиј која граѓаните ќе ги чини речиси 15 милиони денари или скоро 250 илјади евра. Самиот храм имаше потреба од реставрација и конзервација но целта на конзервацијата не е „разубавување“ на објектот според современите вкусови, туку зачувување на неговата автентичност, материјал и историски слоеви. Промената на бојата, особено со користење на модерни, акрилни или други несоодветни материјали, се смета за чин на деградација на споменичната вредност.
Во правилникот за конзервација стои:
Конзервација е постапка и метод на зачувување на недвижното културно добро во изворна односно состојба во кое е затекнато, без додавање на елементи што се уништени или недостасуваат.
При конзервација на недвижно културно наследство, пред се споменик на култура треба да бидат запазени сите основни карактеристики на објектот, со цел зачувување на автентичноста и изгледот на објектот. Затоа не смеаат да се направат следните интервенции:
- Да се менува бојата на фасадата од жолто во бело или обратно, односно фасадата на објектот треба да остане иста со истата боја како пред конзервацијата.
- Да се поставува термофасада со нови материјали (стиропор или друго)
- Замената на кровот треба да биде со ист материјал (керамиди со ист тип и боја)
Црквата е изградена во релативно понова историја, во споредба со други средновековни цркви. Нејзината изградба започнала во 1905 година, во еден многу турбулентен и значаен период за Македонија – доцниот османлиски период. Иако изградбата траела неколку години, таа била завршена и осветена во 1911 година. Изградена е во време на интензивни национални и црковни борби во Македонија. Во тоа време, во Струмица постоела силна поделба меѓу приврзаниците на Грчката патријаршија (кои ја контролирале постарата црква „Св. Димитриј“) и оние кои се залагале за богослужба на словенски јазик, кои ја финансирала изградбата на овој нов, монументален храм. По опожарувањето на храмот посветен на „Св. Димитриј“ од страна на гркоманското население во градот, храмот посветен на „Св. Кирил и Методиј“ останува единствено светилиште на струмичани скоро половина век.


Еден од најзначајните личности поврзани со изградбата и историјата на храмот „Св. Кирил и Методиј“ е митрополитот Герасим Струмички. Тој е директен иницијатор и главен ктитор (дарител/основач) на горната, поголема црква посветена на „Св. Кирил и Методиј“. Тој одиграл клучна улога во обезбедувањето на средствата за изградба на храмот, кој требало да биде одговор на црквите под контрола на Грчката патријаршија во тоа време. Според некои извори, успеал да изнајде значителни донации од руски мисионери и од рускиот манастир „Св. Пантелејмон“ на Света Гора. Во некои извори може да се најде дека митрополитот Герасим е доста маркантна личност и еден од основачите на револуционерниот комитет на ВМОРО во Струмица и дека на 25 јули 1895 година тој дава заклетва пред д-р Христо Татарчев.

Белата боја во себе има доста симболика и се претпоставува дека не случајно е избрана за храмот. Сега бидејќи некој се дрзнал да ја промени бојата, да се радуваме што зелената или виолетовата боја не му се омилени.
Извори:
– Договор за конзервација и реставрација
– Финансиска понуда