Неодговорно депонираниот градежен отпад од реконструкција на стан го блокираше движењето на пешаците и возилата. Општинската инспекција реагираше експресно, а шутот беше подигнат од ЈПКД „Комуналец“ на трошок на прекршителот.
При вонреден инспекциски надзор спроведен на 30 јули, општинските комунални инспектори и инспекторот за улици и патишта при Општина Струмица затекнаа поголема количина градежен отпад фрлен директно на јавна површина на улицата „Кољо Орцев“. Отпадот, произлезен од градежни активности за реконструкција и преуредување на стан во колективна зграда, бил оставен на тротоарот на начин што сериозно го загрозувал движењето на пешаците и го оневозможувал безбедниот сообраќај на возилата.
Веднаш по утврдувањето на идентитетот на лицето одговорно за фрлањето на шутот, инспекциските служби презедоа конкретни мерки. На барање на инспекторите, јавното претпријатие ЈПКД „Комуналец“ Струмица со помош на градежна машина го подигна и го транспортираше отпадот до предвидената локација. Сите комплетни трошоци за оваа интервенција ќе бидат наплатени директно од сторителот. Дополнително, поради констатирани прекршувања на Одлуката за комунален ред и Законот за јавни патишта, против лицето се поведени прекршочни постапки и му се издадени платни налози за глоби.
Од Секторот за инспекциски надзор при Општина Струмица потсетуваат дека заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните се врвен приоритет, поради што апелираат до сите граѓани и правни субјекти навремено да го планираат отстранувањето на градежниот отпад. Наместо нелегално депонирање на јавни површини, граѓаните треба навреме да ги контактираат услугите на ЈПКД „Комуналец“ за соодветно, безбедно и законско собирање и депонирање на шутот.