Google го испрати AI во вселената – дали идните дата-центри ќе орбитираат околу Земјата?

3 мин. читање

Што ако идните компјутери што ја напојуваат вештачката интелигенција не се на Земјата, туку во орбитата?

Ова повеќе не е само научнофантастична идеја. Google го лансираше првиот прототип-сателит од својот истражувачки проект Project Suncatcher, чија цел е да испита дали во иднина е можно големи компјутерски системи за вештачка интелигенција да работат во вселената.

Сателитот беше лансиран на 1 октомври 2026 година во рамките на мисијата Transporter-18 на SpaceX, во партнерство со компанијата Planet. Google потврди дека воспоставил контакт со сателитот и дека тој работи според очекувањата. Во наредниот период ќе се собираат податоци за тоа како неговите Tensor Processing Units (TPU) – специјализирани чипови за машинско учење – се справуваат со физичките услови на орбитата, вклучувајќи радијација и температурни екстреми.

Зошто воопшто би се правело ова?

Една од причините е енергијата. Во ниска орбита сателитите можат да имаат пристап до речиси постојана сончева светлина. Google проценува дека во одредени орбитални услови соларните панели би можеле да произведуваат до осумпати повеќе енергија отколку на Земјата.

Но, идејата има огромни инженерски предизвици. AI-чиповите создаваат голема количина топлина. На Земјата, дата-центрите користат сложени системи за ладење, но во вакуумот на вселената нема воздух што може да ја однесе топлината. Затоа Google развива системи со топлински цевки и радијатори, преку кои топлината би се пренесувала до површините што ја испуштаат во вселената. Овие системи се тестирани и во услови на термовакуум.

Друг проблем е радијацијата. Космичкото зрачење и сончевите честички можат да предизвикаат грешки во електрониката. Google претходно ги тестирал своите TPU-чипови со протонско зрачење во лабораториски услови. Сега првиот сателит треба да покаже како хардверот се однесува во вистинската средина на орбитата.

А идејата оди уште подалеку. Во иднина Google замислува мрежа од меѓусебно поврзани сателити, секој со повеќе AI-чипови. Тие би можеле да комуницираат преку ласерски врски со голем пропусен опсег и заедно да обработуваат големи AI задачи. За тестирање на ваквата комуникација Google планира два сателити во 2027 година, кои ќе ја испитуваат комуникацијата со високопропусни ласерски врски.

Сепак, до вистински „дата-центри во вселената“ има уште долг пат. Високите трошоци за лансирање, сложеноста на одржувањето, ладењето, радијацијата и комуникацијата се само дел од проблемите што треба да се решат. И самиот Google нагласува дека сегашната мисија е пред сè тестирање, учење и откривање на потенцијални проблеми, а не демонстрација на функционален орбитален дата-центар.

Но, ако технологијата навистина функционира, иднината на вештачката интелигенција би можела да изгледа многу поинаку од денешната: наместо огромни дата-центри само на Земјата, дел од компјутерската инфраструктура би можел еден ден да се наоѓа над нашите глави – во орбитата околу планетата.

Фото: Поглед од Меѓународната вселенска станица кон Земјата/Scott Kelly / NASA/ Wikimedia Commons/Public Domain

Извори:

Google Research

Reuters

SpaceX